ЈП Градски Пазар Охрид заедно со Општина Охрид на ден 13.04.2023 година (Величетврток), со почеток во 11.00 часот, на плоштадот „Крушевска Република“ го организира седмиот по ред Велигденски базар.

Ги повикуваме сите заинтересирани производители и продавачи да земат учество на базарот со изложување на своите велигденски украси и сувенири како и традиционални македонски специјалитети (ѓомлезе, питулици, торти, колачи), велат од претпријатието.

Воедно информираат дека сите заинтересирани производители и продавачи, своето учество на базарот можат да го пријават во административните простории на ЈП Градски пазар најдоцна до 10.04.2023 година или на тел: 076 267 909.

Од Општина Охрид информираат дека во забавниот дел од настанот ќе настапат КУД „Ѓердан од бисери“, „КУД „Ѓердан“; КУД „Отекс“,; КУД „Фаланга“; КУД „Филиграни“; КУД „Илинден“, учесниците на детскиот – музички фестивал „Распеано рибарче“, малите ѕвездички со КА – Двојче, најмладите од детската градинка „Јасна Ристеска“ и учениците од општинските основни училишта.

Велигденскиот базар ќе има хуманитарен карактер и дел од собраните средства од продажба на производите ќе бидат донирани онаму каде што е најпотребно, потенцираат од Општина Охрид.

Исто така, додаваат, ОО на Црвен крст ќе постави свој штанд, со кутија за донации каде што секој посетител ќе има можност да даде своја донација за помош и поддршка на ранливите категории граѓани, во духот големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.

OhridNews

фото. Архива