Велосипедскиот клуб ЕкоДром од Охрид во соработка со Велосипедската Федереација на Македонија викендов ќе организира велосипедски натпревар за бодовната листа на релација Охрид – Струга – Дебар и назад, во должина од 130 км.

– “ Стартот на натпреварот е закажан за недела 29.04, со почеток во 12:00 часот од центарот во Охрид кај кружниот тек пред објектот за наплата на паркинг. Групата започнува со свечено дефиле по ул. Македонски Просветители, Димитар Влахов и повторно на Македноски Просветители, лево на раскрсницата кај Охридска Банка се вклучуваме на Булевар Туристичка и продолжуваме кон излезот на Охрид. Свеченото дефиле трае се до с.Подмоље од каде судиите означуваат летечки старт“ – информираше претседателот на клубот,Александар Јованоски.

Од клубот апелираат до охриѓани и гостите кои викендов ќе престојуваат во Охрид да ја почитуваат забраната за секаков сообраќај на 29.04 во недела, во 
периодот од 16:00 до 17:00 часот на ул.Македонски Просветители.

–  Целта на натпреварот е на истото место како и стартот. Околу 16:00 часот се очекува да пристигнат најбрзите велосипедисти и за таа цел од 16:00 часот до 17:00 улицата Македонски Просветители од потегот на Охридска Банка до Пристаниште, ќе биде во целосен прекин за сообраќај. Улицата Македонски Просветители ќе биде целосно означена од двете страни со жолта лента помеѓу дрворедите и ќе бидат поставени 16 редари на пешачките премини кои ќе го регулираат движењето на пешаците. – потенцираше Јованоски.

Организаторите на овој настан ги повикувааат граѓаните на Охрид во овој период да излезат на потегот на ул.Македонски Просветители и со аплауз да ги подржат велосипедистите при влегувањето на целта.

М.П.