Со пригодна свеченост, денес, во полициската станица во Струга ќе биде промовирана велосипедската полиција како продолжение на проектот „Велосипедска полициска патрола“.
Велосипедската полиција е модерна замисла за нова и современа форма на полициско работење што треба да обезбеди партнерство и поблизок контакт со граѓаните, збогатување со нова содржина во превентивното делување со што кај јавноста треба да се подигне нивото на позитивна перцепција за полицијатра како јавен сервис во служба на граѓаните.
– Велосипедската патрола е обид за поголема мобилност на полициската служба, особено во летните месеци кога имаме зголемена фрекфенција на сообраќајниците во Струга, можност за побрзо пристигнување на местото на настанот каде има нарушување на јавниот ред и мир или кражба посебно во централното градско подрачје, побрзо откривање и пронаоѓање на сторители на разни казнени дела, нов облик во одржувањето на јавниот ред и мир, укажување помош и заштита на граѓани и субјект за поголема ефикасност во извршувањето на вкупните полициски работи утврдени со закон, информираат од СВР Охрид.
Патролата брои четири полицајци-велосипедисти со мешан етнички состав, кои активно ќе се вклучат во превентивното и репресивното делување пред се во реализација на кражби, спречување на вршење кривични дела и прекршоци, откривање и приведување на сторители на разни казнени дела пред се на сторители на кражби по плажите и паркинзите како и во централното градско подрачје. Велосипедистите-полицајци ќе работаат и во реализација на мерки за одржување на јавниот ред и мир за што имаа посебна полициска обука.
Покрај позитивното делување на релација полиција-локална заедница и зголемената можност за поблизок контакт со граѓаните посебно со младите, патролата ќе го афирмира велосипедизмот како спортска дисциплина и здрав начин на живот, ќе ја промовира грижата за здрав начин на живот и ќе го надоградува позитивниот имиџ во јавноста.
Инаку, работењето на велосипедската полиција во Струга е продолжение на проектот „Велосипедска полициска патрола„ изработен во Мај 2008 година по иницијатива на канцеларијата за односи со јавноста при СВР Охрид по што преку МВР на РМ е подржан од одделот за развој на полиција при мисијата на ОБСЕ во Република Македонија. Во изминативе 5 години, велосипедската полициска патрола во Охрид целосно беше вклучена во збирните превентивни активности на СВР Охрид.
Од СВР потенцираат дека патролата во изминативе 5 години од своето постоење и функционирање целосно го оправдала своето постоење и значително придонела во подигнувањето на степенот на севкупната безбедност во Охрид.
OhridNews