Со измената на распоредот на средствата во Буџетот на Општина Охрид меѓу останатото се пренаменуваат средствата кои беа предвидени за велосипедската патека Охрид-Св. Стефан. Во текот на изборната кампања се најавуваше изградба на модерна велосипедска патека како атракција на градот со привлекување и задржување на посетителите, но за жал ниту охриѓани ниту пак туристите ќе ја видат оваа, за волја на вистината, нереална за реализирање велосипедска патека, рече на денешната седница на Совет на Општина Охрид, координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата Живка Ангелоска.
Не треба човек да биде стручњак од областа на сообраќајот за да констатира дека велосипедска патека помеѓу сообраќајници кои се оптоварени со повеќе приклучни улици, ќе претставуваше сериозна опасност за велосипедистите. Имагинарна велосипедска патека без можност за вклучување на велосипедистите на потегот од бензинската пумпа Билјанини Извори, а уште помалку за исклучување кога ќе стигнат на крајот на патот во близина на Св Стефан, освен ако не замислувавте да се вратат назад и повторно и повторно да се вртат во круг. Укажувавме тогаш кога се усвојуваше Буџетот да не се предвидуваат средства за овој проект кој самиот по себе нема здрава основа, е нереален, дополнително имајќи го во предвид фактот што не се работи за општинско земјиште туку недвижност со која стопанисува Јавното претпријатие за државни патишта. За сега да не доведете во ситуација да пренаменуваме средства кои можеа да бидат попаметно предвидени за реални проекти, проекти во одделни сегменти во инфраструктурата кои ќе го олеснеа и подобреа начинот на живеење на граѓаните. Буџетот треба да содржи проекти за кои е сосема извесна реализацијата во годината во која се предвидуваат, не мора да бидат атракции како што го најавувавте овој проект, нека бидат скромни, но реални и изводливо кои во одреден сегмент ќе го подобрат квалитетот на живеењето на граѓаните истакна Ангелоска.

Бидејќи станува збор за покомплициран проект, средства за негова реализација ќе се обезбедуваат согласно напредувањето на реализацијата на самиот проект. За да се запази целата законска процедура за реализација на еден проект потребно е најпрвин да се има проектна документација. За оваа намена финасиски средства се предвидени и има. После изготвувањето на проектот и добивањето на одобрение за реализација на проектот ќе обезбедиме средства и ќе го реализираме проектот. Што се однесува до безбедноста на велосипедистите, некоректно е да се изнесуваат паушални констатации. За таа цел се изготвува проект кој ќе понуди решение што ќе биде безбедно за сите учесници во сообраќајот. Затоа уште еднаш нагласуваме дека Велосипедската патека од Охрид до Св. Стефан, согласно сите стандарди ќе има, додаваат во реакцијата од Општина Охрид.

OhridNews












