Шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос и во Скопје го потврди грчкиот став дека главната препрека за евроатланските интеграции на Македонија не е прашањето за името, туку неисполнувањето на Копенхашките критериуми. И покрај петте препораки на ЕК за започнувањето на преговорите со Македонија, Гркот остана на тврдењето дека Македонија не го почитува принципот на добрососедските односи.
„Во минатото нашата позиција беше флексибилна и конструктивна, благодарение на оваа позиција ПЈР Македонија има статус на кандидат за членство во ЕУ. Постоењето на Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и ПЈР Македонија е јасна и солидна база за европската иднина на вашата земја. Мојот нов гест со посетата во Скопје е официјален став е дека Грција е подготвена да прифати партиципација и статус на земја набљудувач на ПЈР Македонија во Агенцијата за фундаментални човекови права во Виена. Главната пречка за европската перспектива на ПЈР Македонија не е билатералното отворено прашање, односно фамозното прашање за името, туку обврска да се исполнат Копенхашките критериуми и особено главниот критериум на принципите на добрососедските односи. Ова не е некој начин на национална блокада, туку европска обврска, почитувањето на добрососедските односи и прифаќањето на резолуциите на советот за безбедност на ОН, е нешто што е важно и витално за секоја земја кандидат, а не само за ПЈР Македонија”, порача Венизелос во завршувањето на средбите кои ги имаше со државниот и политичкиот врв во Македонија.
Запрашан дали чувствува дека Македонија е подготвена да разговара по прашањето на името, грчкиот министер за надворешни работи смета дека и двете страни се подготвени да ја искористат и интензивираат процедурата која се води под покровителство на ОН и медијаторот Метју Нимиц.
„Мојот впечаток е дека заедничкиот именител е нашата подготвеност да ја искористиме процедурата во ОН и медијаторот Нимиц, бидејќи нашата цел е да ја интензивираме оваа процедура и да ја разбереме како уникатен начин да ја искажеме нашата почит кон релевантните резолуции на СБ на ОН. Лична забелешка е тоа што сметам дека по денешните средби, имам впечаток дека владата, локалните политичари и граѓанското општество во Скопје е подготвено да учествува во дијалог, не само за прашањето за името, туку и за засилувањето на билатералната соработка, бидејќи сите тука се во позиција да разберат многу добро дека Грција е излезот кон европската и евроатланската перспектива на оваа земја”, истакна шефот на грчката дипломатија.
Венизелос повторно ги потенцираше ставовите на Европскиот совет и заклучоците од декември минатата година, нагласувајќи дека процесот на проширување е меѓувладина политика на Унијата.
„Според заклучоците на последниот извештај, Советот е подготвен да направи нова проценка на случајот ПЈР Македонија подоцна оваа година, но критичните точки се исполнувањето на принципите на добрососедските односи. Ова е нешто многу важно, не само за случајот со билатералните односи меѓу Скопје и Атина, но и меѓу Скопје и другите земји, како што е на пример Софија. Според извештајот чекаме на некакви конкретни чекори во ова поле на добрососедските односи и особено кон целосната имплементација на меѓупартискиот договор од 1 март 2013 година. Ова беше последниот збор на Советот и во мојот европски капацитет, имам одговорност и должност да презентирам заедничката европска позиција, и да ги потенцирам дека приоритетите и критичните прашања од овој извештај. Го разбираме значењето на ЕК и во врска со ХЛАД меѓу комисијата и локалните власти. Но и според овој дијалог, критична поенти е исполнувањето на добрососедските односи”, рече Венизелос.
Тој нагласи дека пред Македонија и Грција постои простор за заедничка соработка во економијата, бидејќи како што вели, „заедничка потреба е да се даде конкретен одговор пред граѓаните на двете општества, во поглед на економскиот раст, развојот и создавањето на работните места”.
Венизелос најави и нова билатерална средба со својот македонски колега, министерот за надворешни работи Попоски, но не прецизираш дали тоа ќе биде во Скопје или Атина, а пред тоа најави дека ќе го покани македонскиот министер на министерскиот состанок на ЕУ во Солун кон крајот на април, по повод Агендата Солун 2014, нешто што според него „е можност да се даде нов импулс во европската и евроатланската перспектива на регионот”.
OhridNews
извор:„Макфакс“