Верници од цела Македонија доаѓаат во скопската црква Свети Великомаченик Димитрија и во редици чекаат  да ја видат несекојденваната појава на самопрочистување на фреските.

Протојереј Зоран, вели дека утрово додека се служела литургијата на иконата на Исус Христос на олтарот, на ширитите кои се со златна боја се појавила црвена боја. Тоа се случило и на други икони на олтарот. Протојерејот објаснува дека изгледа иконата како да е водена, а всушност кога ќе се допре не остава никаков траг, суво е и нема боја. Црквата, како што рече протојереј Зоран, гледа на ова како на божјо чудо и предупредување да мислиме малку повеќе на Бога.

– Ова е опомена да бидеме со Бога. За тоа не треба ништо материјално и ништо посебно, туку молитва, вера и она што го пропишала црквата кога е време на пост да се пости, да се причестуваме и да се исповедаме, вели протоереј Зоран. Според него, не треба да истражуваме и мудруваме, тоа самото што се покажува  е чудо господово.

Прочистувањето почнало вчера на празникот Цветници од фреската Успение на пресвета Богородица на влезот црквата, а потоа  и на фреските Вознесение Христово, Оплакување Христово, Св. Апостоли Петар и Павле, Свети Архангел Михаил и на другите фрески.

Црквата вчера ја посети поглаварот на МПЦ Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Според пишани податоци, црквата Свети Димитрија постоела уште во средниот век, во некои периоди била катедрална и во неа била сместена Скопската митрополија.  Во 1690 година била напуштена, а од 1886 до 1896 година обновена и проширена. Црквата Свети Димитрија е преосветена во 1896 година, некои од иконите се стари 100 години, а некои се понови од после земјотресот во 1963 година.

OhridNews
извор: МИА