Во сите православни храмови во Охрид денеска се отслужуваат таканаречени Царски часови, а богослужби ќе има и вечерва кога се вади светата плаштeница од светиот олтар во средината на храмот каде огромен број верници ја целиваат, односно се поклонуваат на страдањата на Господ Исус Христос и се протнуваат под неа во знак на покорност. Уште од утрото река верници се слива во православните храмови во Охрид каде денеска се одбележува Велики Петок – Ден на жалост во христијанскиот свет, кој ги симболизира страдањата на Исус Христос.
Вечерва во сите храмови има оплакување на Христа, а во црквата Св. Богородица – Каменско се прави литија која оди до пристаништето и врти круг околу црквата со светата плаштeница која се поставува на светиот престол и таму стои до воскресението Христово – Велигден.
Централната богослужба по повод Велигден ќе биде во манастирот посветен на Свети Климент и Св. Пантелејмон на Плаошник, каде ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско – кичевски Тимотеј, а богослужби ќе има и во сите праволсвни храмови во Охрид.
Оваа година Велигден на ист датум го одбележуваат и католичките верници. По тој повод во католичката црква во Охрид ќе се одржи празнична миса.
OhridNews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com