Голем број верници денеска го посетија манастирот Св. Наум на југот од Охридското Езеро и присуствуваа на богослужбата по повод празникот посветен на големиот светител и чудотворец. Дел од нив во Св. Наум пристигнаа со бродовите „Александрија“ 1 и 2, кои до манастирот за празникот пловеа по симболична цена од 100 денари.
Верниците палеа свеќи за здравје и се поклонија пред гробот на Св. Наум за кој се верува дека има чудотворна моќ.
По повод празникот се одржа света архиерејска литургија со која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.
Св Наум е ученик на славните светители Кирил и Методи. По завршувањето на Моравската мисија Св. Наум заедно со Св. Климент својата благородна мисија на ширење на словенската писменост и култура ја продолжиле во областа Кутмичевица на брегот на Охридското Езеро. Тие се основоположници на охридската книжевна школа.
Св. Наум најголемиот дел од својот живот го поминал во манастирот на јужниот дел од Охрдското Езеро кој сам го изградил.Таму тој ја развивал својата просветителска дејност. Освен по книжевната работа меѓу народот бил познат и како исцелител и за време на својот живот излечил многу луѓе претежно душевно болни. Познат е и како чудотворец бидејки направил и многу чуда, а некои од неговите чуда се претставени и на фреските од неговиот манастир како таа на која е претставен Св. Наум кој ги впрегнал заедно волот и мечката да ораат. Св. Наум се упокоил во 910 година.
OhridNews
фото: Емил Јовановиќ