Во услови на пандемија со Covid-19, кога скоро сите јавни настани се откажани поради безбедносните мерки и препораките на Владата на РСМ, Спортско-рекреативниот клуб „Соларис“ и хотел „Боград“ од Струга, со поддршка на Ретки болести Охрид и „Живот со предизвици“ – Битола, во недела организираат веслачка тура со кајаци под мотото „Весламе за ретките“.
Идејата да организираме ваков настан дојде сосема спонтано и после првата тура, која помина многу успешно, годинава се охрабривме да ја подигнеме на повисоко организациско ниво. Целта е преку овој настан е да се привлече внимание за потребите на овие лица и да се апелира кон релевантните институции да бидат брзо идентификувани, правилно дијагностицирани и соодветно лекувани – вели Шериф Кадриоски, иницијатор на настанот и сопственик на хотел „Боград“.
Годинава по вторпат струшките кајакари, ентузијасти и поддржувачи на лицата со ретки болести ќе ги разбрануваат водите на реката Црн Дрим и Глобочичкото Езеро под мотото „Весламе за ретките“. И оваа година настанот ќе биде организиран во партнерство со хотел „Боград“ и Спортскиот клуб „Соларис“, а на него ќе земат учество 30-тина кајакари меѓу кои и лица со ретки болести.
Годинава како новина инициравме поголема бројност во самиот кајакарски спуст, но и учество на лица со ретки болести на самиот настан. Ќе се весла низводно од селото Враништа до селото Глобочица во вкупна должина од 16 километри, додава Коста Хиохи, претседател на СК „Соларис“ од Струга.
На настанот ќе му претходи соодветна церемонија на отворање на самиот старт на плажата кај селото Враништа во 09:00 часот и при самото завршување во селото Глобочица. Со овој несекојдневен настан им се дава поддршка на наголемата заедница во светот, претставувана од 300.000.000 пациенти со ретки болести во нивната борба за навремена точна и бесплатна дијагноза,пристапност и достапност на лековите кои значат ЖИВОТ.
OhridNews













