Апел за надминување на политичката криза во Македонија упати министерот за надворешни работи на Германија, Гидо Вестервеле, кој денеска во Скопје се сретна со неговиот македонски колега, Никола Попоски.
Како што пренесува „Макфакс“, Вестервеле, поара од политичките фактори да мислат на иднината на земјата и да покажат подготвеност за компромис, флексибилност и демократска соработка.
„Не сакам да кријам дека ние сме загрижени заради веќе долготрајната внатрешна политичка криза, којашто се одвива овде во Скопје и затоа јас најенергично апелирам да се почитуваат правилата на демократските игри и да се воспостави една сериозна парламентарна работа. Овој апел е упатен до сите, во смисла навистина да се воспостават едни средени односи врз основа на взаемната почит меѓу етничките Македонци и Албанци, врз основа на Охридскиот рамковен договор“, изјави Вестервеле.
Германскиот министер за надворешни работи упати и апел до одговорните во државата.
-Апелирам до сите да ја видат целта, да го видат и да го согледаат националниот интерес, да ја осознаат својата сопствена одговорност, да мислат на судбината и на иднината на вашата земја и да покажат доволна мерка на готовност за компромиси, доволна флексибилност за да се вратат кон една средена демократска соработка“, рече Вестервеле.
Демократијата, владеењето на правото, независноста на судството, надминувањето на конфликти во духот на добрососедство и, пред се, мирниот соживот на различните групи од населението се вропски вредности за кои ние се залагаме, посочи Вестервеле.
Коментирајќи ги очекувањата од јунскиот Европски Совет и евентуалната можност Македонија да ги отпочне преговорите за членство, Вестервеле со став дека се ќе зависи од сработеното.
„Треба да се разјаснат одредени прашања, меѓу другото прашањето за името, тоа вие го знаете. Затоа ние ве охрабруваме навистина да ја искористите секоја прилика што ќе се пружи. Ние ќе вршиме праведно и добро влијание во Европа како сојузна влада на Германија, но одлуките ќе бидат донесени кога на маса ќе бидат извештаите и кога веќе ќе се знаат резултатите. Според мене, нема смисла сега да се прејудицират шпекулативно некои постапки. Како што ви реков, одлуките ќе бидат донесени кога веќе ќе се знаат фактите и кога веќе ќе биде издаден извештајот“, истана Вестервеле.
Попоски, пак од своја страна, истакна дека Македонија е посветена за соработка со сите соседи, вклучувајќи ги Грција и Бугарија.
„Во однос на двете прашања порака од Македонија е многу јасна: да се концентрираме на евроатланските приоритети кои ги имаме заедно, да работиме искрено и посветено во тој правец. Само со меѓусебна поддршка и соработка можеме да одиме напред и тоа е во интерес на граѓаните од двете држави, а од земјите кои се веќе дел на евроатланското семејство не очекувам ништо помалку“, рече Попоски.
Оцени дека посетата на Вестервеле е доказ за германската посветеност кон Македонија и регионот и неговата евроатланска перспектива.
„Ние сме дефинитивно целосно посветени да работиме заедно со нашите германски пријатели на остварување на оваа агенда, која е во интерес на граѓаните од целиот регион“, изјави Попоски по средбата со Вестервеле.
извор:„Макфакс“