Доизградба и санација на колекторскиот систем, инфраструктура за сите, сеопфатна стратегија за развој на градот, соодветно решение на проблемот со наследениот долг на општината, гасификација на Охрид, е она што, меѓу другото, го вети во текот на изборната кампања новиот прв човек на градот, Јован Стојаноски.

Стојаноски за време на изборната кампања, во неколку наврати истакна дека како можни решенија за деценискиот проблем со кој се соочува општина Охрид- наследениот долг, согласно теоријата и светската пракса е негово рефинансирање преку издавање на обврзници или рефинансирање на долгот преку консолидација на сите достасани долгови во еден и добивање на кредит од банка со рок на отплата усогласен со реалната финансиска способност на општината за редовно сервисирање.

Визија на новата локална власт е Охрид да стане најважна точка на мапата на европски и светски културни центри и градови на езера, за чија цел ќе биде подготвена сеопфатна стратегија за развој на градот.

– Нашата стратегија за развој е долгорочна и одржлива бидејќи ќе се темели на нови вложувања во стопанството и рационално користење на просторот. Иднината ја базираме на паметните технологии и обновливите извори на енергија. Ги подобруваме економските услови и квалитетот на животот на граѓаните, истакна Стојаноски.

Според Стојаноски една од основните задачи е да се заштити Охридското езеро од загадување. Најави доизградба и санација на колекторскиот систем.

– За таа цел добиваме и отворена и сигурна поддршка од Владата на Република Македонија која веќе засилено бара партнери кои би го реконструирале стариот колектор и истовремено би го заштитиле од загадување засега најчистиот и најживописен крајбрежен дел. Со санација и ревитализација на постојниот колекторски систем и доизградба на нова мрежа и пречистителни станици би се подобрила неговата функционалност, рече Стојаноски.

Стојаноски во своите предизборни ветувања кажа дека јавните претпријатија повеќе нема да бидат загубари, туку ќе прераснат во високодоходовни субјекти. Најави висококвалитетни комунални услуги и стандарди,  при што ќе се изврши обновување на потребната механизација со која тие располагаат.

Во однос на туризмот, целта на Стојаноски и новата локална власт ќе биде од Охрид да се создаде препознатлива и атрактивна дестинација, која ќе биде бренд во туризмот.

– За да го направиме тоа, ќе воведеме некои клучни стратешки промени кои ќе го одбележат туристичкиот развој на Охрид. Во туристичката понуда ги додаваме здравствениот, спортскиот, wellness и incentive туризмот. Нашата цел е со воведувањето на новите стратешки насоки да го позиционираме Охрид како една од најпосакуваните дестинации на туристичкиот пазар. За таа цел го прошируваме и целниот пазар, рече Стојаноски.

Во делот на проектите кои се насочени кон развојот на спортот предвидена е изградба на четри спортски сали на подрачјето на општина Охрид, а како особено значаен проект се истакнува проектот за модернизација на Спортско рекреативниот центар „Билјанини Извори“. Стојаноски најави и гасификација на Охрид, која ќе придонесе за почиста животна средина, подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани и намалување на трошоците за енергенси.

Отворена и услужна општина, помош за најзагрозените, изградба на откупно-дистрибутивен центар, еднаков развој на урбаните и рурални средини, исто така се дел од ветувањата на новиот градоначалник.

За околу една седмица новиот татко на градот се очекува да ја преземе градоначалничката функција. Со тоа стартува четиригодишниот мандат во кој од страна на граѓаните се очекува да се исполнат дадените ветувања во изборната кампања.

OhridNews