Вевчани подготвено за годинашното издание на традиционалната манифестација „Вевчанскиот карневал“ што ќе се одржи од 12 до 14 јануари во чест на Свети Василиј, односно православна Нова година. Традиција постара од 1400 години, еден од најстарите во светот, а можеби и најстариот карневал, кој по многу нешта е единствен, не само заради програмата која се случува од забавен карактер, туку заради тоа што тие денови Вевчани се претвора во една голема сцена, а традицијата се претвора во слобода.
Карневалот е единствен заради тоа што никогаш немаме исти маски. Маските се единствени, уникатни и воглавно освен оние кои се постојани, останатите се тесно врзани со се тоа она што се случува во текот на годината на многу полиња, најчесто и на полето на политиката, каде што на еден духовит, забавен, интересен начин оние кои се дел од карневалот или поточно мештаните на Горна и Долна Маала, на нивниот најголем празник Свети Василиј Велики, сакаат на довитлив, шеговит начин да ги потенцираат и негативностите во општеството, ама и да не насмеат, да не забавуваат. Карневалот не е само критика на општеството. Основна намена и цел на карневалот е забава, посочи новинарот Антонио Димитриевски, кој ја водеше денешната прес-конференцијата во Скопје.
Додаде дека карневалот постоел и кога немало кој да го финансира и кога пари не постоеле и кога не се зборувало за тоа дали го финансира општината, министерството или приватни фондови, кога не постоеле политики и не постоеле можеби ни држави.
Токму затоа основната цел на карневалот е забавата, смеата, хуморот. Она што се вели да се отргнеме од нашето секојдневие, да заборавиме на маките и проблемите или ако сакате повеќе на еден духовит и шеговит начин да се осврнеме на нив, за да направиме пресек. Оттука, да ни почне годината со арно, со убаво, рече Димитриевски.

Овие денови ни се за забава, за убава атмосфера, да се исчистиме од онаа негативна енергија што сме ја имале во претходната година и да влеземе во новата година со позитивна енергија. Ја поканувам целата македонска јавност, оние што го сакаат „Вевчанскиот карневал“, оние што нашла забава во „Вевчанскиот карневал“, а ги има многу да дојдат во деновите кога Вевчани се отвора со љубов. Секоја куќа е отворена и секаде ќе бидете пречекани со љубов. Вевчани ве очекува. Маските се убавината на карневалот. Треба да бидете присутни таму за да ги видите. Да го доживеете нештото. Ќе има многу забава, како и секоја година. Нормално, ќе има критика на општествените и политичките настани, потенцираше.
Дарко Масларковски, еден од организаторите, посочи дека „Вевчанскиот карневал“ веќе години нананзад нуди богата музичка програма, па така и годинава.
Програмата оваа година започнува на 12 јануари со забавниот дел каде настапувам јас со мојот брат, односно, рап групата „Пука козметика“ која по 14 години повторно е на сцената, по што следува Влатко Лозаноски и финализира со настапот на Brass Brothers. На 13 јануари е програмата со народна музика, каде ќе настапат Благоја Грујовски, Влатко и Златко Миладиновски со оркестарот и за на крај на вечерта Оркестар со зурли и тапани од Вевчани и Перо Бели кој традиционално ги испраќа Вевчанци на изворите. Вевчанци го сакаат тој ритам, зурлите и тапаните се длабоко вткаени во самиот бит. На страна од музичката програма самиот моментум е прекрасен и кој не бил треба да дојде да го доживее, додаде Масларковски.
Дефилето на маски традиционално започнува кога двете василичарски друштва од Горна и Долна маала тргнуваат од влезот на селото, предводени со зурли и тапани, зетот, невестата, двата ѓаволи, Глупавите Августи. По нив се движат останатите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања. Манифестацијата завршува со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани, на 14 јануари.
Инаку, „Вевчанскиот карневал“ се одржува под покровителство на Министерството за култура.
Н.С.Ј.












