Во духот на 15-вековната традиција, Вевчани пулсира во знакот на карневалот. Инспирирани од секојдневните случувања во земјава и во странство, но и од политичката состојба изминатите 12 месеци, вевчанци ги подготвуваат маските во исчекување на, за нив највозбудливиот момент, дефилето под маски. И како што е добро познато, гостопримливите и љубезни жители на Вевчани ќе кажат сè, но до последен момент, до дефилето под маски, не откриваат во што ќе бидат маскирани.

Маските – коректор на негативното во општеството

Организирани во две групи, Долна и Горна маала и годинава се очекува на сатиричен начин да ја отсликаат годината што измина. Преку својата креативност да ги исмејуваат случувањата, пред сè во државата, но нема да ги заборават ниту светските позначајни настани. Низ годините на тапет биле видни имиња од претседатели на држави, премиери, пратеници…, но за содржината на маските не се лутеле, иако пред две години дипломатски скандал предизвика палењето на бугарското знаме, а имало реакции и за маски во кои учествувале живи или усмртени животни.

Дефилето на креативните василичари, традиционално почнува утре, околу 14 часот од влезот на селото, движејќи се кон центарот на Вевчани каде го вртат василичарското оро. Го предводат зетот, невестата, глупавиот Август и ѓаволите, сите со своите симболики. Зетот и невестата за плодност, продолжување на семејството, додека ѓаволите се обидуваат да го победат човекот. Најтешка задача со своите карактеристични крикови имаат глупавите августи, кои како заштитници околу зетот и невестата замавнуваат со кожи од животни, кои честопати завршуваат и по толпата која љубопитно гледа какви маски ќе продефилираат и ужива во магијата на хуморот и сатирата. Веднаш зад нив се и останатите маски.

Маските со својата оригиналност и неповторливост ги изработуваат рачно со современи материјали, но користат и кожи од животни што е дел од традицијата, а некогаш дури и животни.

Спој на традицијата и модерното како туристичка атракција

Ревносни на традицијата, вевчанци направија спој со модерното и карневалот стана туристичка атракција, каде покрај посетители од соседните населени места и државата, доаѓаат гости и од странство. Со звуците на зурлите и тапаните ќе ги бркаат лошите духови, за да ја пречекаат прочистени и среќни Новата година, според јулијанскиот календар.

За поголема афирмација и поголема посетеност се организира дводневна музичка програма. За забавата вечер се задолжени рок и поп-бендовите: ГИГ ОФФ (Сашко Гигов-Гиш и пријателите), Венко Серафимовски и Прпл цепелин, реге-бендот – БРУКА, ДНК, Ласт експедишн, Фиц и Студени нозе. Утревечер, пак, присутните ќе уживаат во звуците на народната музика интерпретирана од Баклава, Банда Ентопика од Грција, Нино Величковски и Кумановските тамбураши, Некст тајм и Перо Бели.

Сместувачките капацитети иако во мал број се исполнети до последното место, а интерес има и за сместување во соседните Струга и Охрид.

Атрактивноста на Вевчанскиот карневал се очекува да одѕвони и во странските медиуми, чии новинари веќе се пристигнати во Вевчани.

Градоначалникот Спасе Кочовски потврди дека сè е подготвено за манифестацијата и оти вевчанци ги одбројуваат последните саати до спектаклот или како што честопати го нарекуваат, театар на отворено без сценарио и режија.

Тој уште еднаш потенцира дека василичарите преку маските не сакаат да навредат никој, ниту да шират верска или национална омраза, туку напротив, тие се коректор на случувањата во општеството.

Василичарите преку маските пренесуваат дека нешто не чини. Тие се коректор на власта и преку хумор и сатира укажуваат на она што погрешно се правело во изминатата година, со цел во иднина да се промени, подвлече Кочовски.

Сатирично и несекојдневно испраќање на старата и дочек на Новата година

Со спој на паганското и модерното Вевчани утревечер, точно на полноќ ќе ја испрати старата и ќе ја дочека Новата година по јулијанскиот календар. Маскирани, василичарите на уникатен и неповторлив начин ги бркаат злите духови и преку хумор и сатира прикажуваат што ја одбележало годината што измина. Надалеку познатиот Вевчански карневал со своите специфични особини, уникатност и неповторливост е единствен и се разликува од другите карневали во светот.

Со палење на маските и василичарското оро завршува карневалот

Традиционално, на 14 јануари, доцна попладнето завршуваат карневалските случувања со палење на маските и василичарското оро во центарот на Вевчани. Со тоа се смета дека е избркано злото, а жителите на ова мало населено место уште од следниот ден почнуваат да размислуваат како ќе се маскираат идната година.

Слаѓана Стојкова Костоски/MIA