По извршената електронска аукција за избор на фирма која ќе ја реализира реконструкцијата на Општата болница, избрана е вевчанската градежна фирма “ВИА ДОО”, информираат од министерството за здравство.

ВИА ДОО понудила најниска цена на одржаната аукција, во висина од 194 милиони денари. По изминување на законскиот рок за жалби од 8 дена, министерството се очекува да склучи договор со оваа градежна компанија, по што ќе започнат градежните работи на објектот. Согласно договорот, компанијата е обврзана градежните работи да ги заврши во рок од 8 месеци.

Како што потенцираат од министерството, фирмата “ВИА ДОО” е градежна компанија со повеќедецениско работно  искуство во земјава и во странство.

Распишувањето на нов тендер за избор на фирма која ќе ја заврши реконструкцијата на болницата, следи по откривањето на пропустите во изведувањето на градежните зафати. На претходно распишаниот меѓународен тендер за реконструкција на охридската болница, беа избрани бугарската компанија „ГБС“ од Благоевград, додека за изведувач на градежните работи беше задолжена скопската градежна фирма „ДОТ Архитекти“, според проект на „Иванов инженеринг“ од Битола. Со одлука на министерот Тодоров градежните работи на старото крило на охридската општа болница беа стопирани пред околу четири месеци. Тој при неодамнешната посета на Охрид најави дека целата процедура околу изборот на новиот изведувач ќе заврши до крај на месецов, а објектот треба да биде изграден и предаен во употреба во рок од 8 месеци.

OhridNews