Фондацијата за стратешки истражувања “Киро Глигоров” и ДОО ВИА Вевчани, тргнувајќи од посебноста на Општината Вевчани, која во зачувувањето на традицијата го има и познатиот Вевчански карневал, со цел да се следат современите текови на руралниот туризам, годинава по трет пат ја организираат Меѓународната ликовна колонија “Вевчански видувања 2012”.

На Колонијата, која ќе се одржи во периодот од 27 јуни – 11 јули 2012 г. во комплексот ВИА Игнација во Вевчани, ќе земат учество ликовните уметници: Анастас Константину-Тасо (Албанија), Ана Фервалева и Ана Богданова (Русија), Ана Лаковиќ (Црна Гора) Милослав Бонов – Мибо, Петар Бељаси (Бугарија), како и Трајче Јанчевски, Глигор Чемерски, Павле Кузманоски, Илија Кавкалески, Илија Пенушлиски, Таки Павловски, Костадин Качев, Стефан Хаџиниколов, Данчо Ордев, Решат Амети, Петар Попчев, Никола Иванов Балтон, Емил Шулајковски, Оливера Велкова, Владимир Темков, Јулијана Гешоска, Александар Филев, Војдан Запров, Стеван Поповски, Менсур Бојда и Владимир Симеонов  (Македонија).

Целта на оваа колонија е секоја година да собира еминентни уметници од регионот и од карневалските градови, инспирирани од убавините на Вевчани и неговите извори, да создаваат уметнички дела кои ќе придонесуваат за поголемо меѓусебно запознавање и зближување.

Природните ресурси и локалитетите со кои изобилува Вевчани: Вевчанските извори – споменик на природата, богатото културно богатство – 19-те цркви, манастири и параклиси, меѓу кои и црквата Св.Никола осветена во 1876 година со иконостасот изработен од Дичо Зограф со неговата тајфа, потоа традиционалниот Вевчански карневал, стар колку што е старо и Вевчани – 1400 години, сето тоа е неповторлива инспирација за творење на ликовните уметници кои ќе учествуваат на Колонијата.

OhridNew