Секојдневни прекини во снабдувањето со електрична енергија ги мачат жителите на Вевчани, вели градоначалникот Цветомир Угриноски. До него дневно некогаш стигнувале и по десетина поплаки од граѓани. Поради обилните врнежи и ветрот утрово имало повеќеминутен прекин во снабдувањето со електрична енергија во Вевчани.
-Имаме секојдневни прекини во електричната енергија што го попречува работењето на институциите и фирмите. Знаеме дека денеска се’ работи електронски така да граѓаните навистина трпат штети и отежнато им е работењето.-изјави градоначалникот на Вевчани Цветомир Угриноски.
На проблеми предизвикани од прекин во снабдување со електрична енергија се жалат од Здравствениот дом во Вевчани. Вработените укажуваат на чести дефекти на скапата апаратура.
-Многу краток прекин на електрична енергија за нас значи онеспособување на целата апаратура, повторување на анализите што доведува до доцнење на резултатите, набавка повторно на нови скапи реагенси и чести дефекти на апаратите кои што мораме да ги отклонуваме. И најмал дефект не чини околу 400 евра, а доколку проблемот е поголем поправката достигнува и до неколку илјади евра.-истакна Наташа Богоеска – специјалист по медицинска биохемија.
Најмногу штета сепак трпат пациентите, кои поради нефункционалната апаратура не ја добиваат бараната услуга, вели Д-р Жарко Даскалоски.
-Пациентите доаѓаат од Охрид, Дебар, Кичево, Ресен и кога ќе дојдат во Вевчани а нема ел.енергија чекаат по 2-3 часа и незадоволни се враќаат, а се случува и следната недела да ги закажеме и пак да нема струја.-рече Д-р Дасакалоски.
Кон апелите за подобрување на снабдувањето со електрична енергија во Вевчани се придружи и пратеникот Крсто Мукоски. Тој посочи дека над 98 проценти од жителите во општината редовно ги подмируваат обврските кон ЕВН и упати апал до компанијата да го подобри снабдувањето со електрична енергија со што конечно ќе се надмине долгогодишниот проблем со кој се соочуваат жителите од овој крај.
-ЕВН Македонија на неколку пати до општина Вевчани се обрати и вети дека ќе има инвестиција за санирање на електро-дистрибуривната мрежа меѓутоа до денес немаат вложено ниту денар. Оттука упатувам апел до менаџментот на ЕВН во рок од 30 дена почнат со реализиација на ветените инвестиции во Вевчани, во спротивно преку 600 семејства во општина Вевчани ќе прекинат да ги плаќаат сметките за електрична енергија.-рече Мукоски.
Од ЕВН Македонија информираат дека денешниот прекин во снабдување со електричната енергија во Вевчани бил предизвикан од невреме.
-Денешниот прекин во снабдувањето со електрична енергија во Вевчани и другите населени места траеше 15 мин. и настана поради невреме. Поради силниот ветер откорнати гранки и делови од дабови дрва скинале кабли на 35 киловолтниот далновод. – информираат од ЕВН.
Компанијата информира дека согласно утврдената динамика во континуитет се преземаат активности и се вложува во подобрување на елекроснабдувањето во овој регион, но отежнувачка околност претставува конфигурацијата на теренот.
-Во овој планински крај со многу тешко пристапни делови имаше застарена дистрибутивна мрежа. Постојано се инвестира и работи на модернизирање, но тоа не може да се направи преку ноќ. Пред две години имавме средби, телефонски контакти и разговори со жителите на Вевчани и ги нотиравме сите нивни забелешки. Направивме план според кој ние досега се придржуваме. Постојано работиме колку што теренот и временските услови ни дозволуваат. Досега ЕВН Македонија вложи 100 000 евра во реконструкција на ТС Суво поле , за опрема, далечинска контрола, заштити и сл. Во 2015 и 2016 ќе се инвестираат уште 150 000 евра за целосна реконструкција на ТС Суво поле. 20 000 евра се инвестирани во реконструкција на ниско напонската и средно напонската мрежа, во поставување на нови кабловски врски и замена на старите дрвени со нови бетонски столбови. -соопшти ЕВН.
Од ЕВН објаснуваат дека заедно со општината и други претставници на Вевчани направена е инспекција на критичните места и секаде каде тие посочиле дека има проблеми се интервенирало. Такви места биле училиштето, во центарот на Вевчани каде што комплетно е поставена нова енергетска инфраструктура, нови столбови и изолирани проводници. Се работело и кај Амбулантата и кај градниката во Вевчани, места кои од општината биле посочени како критични.
-Годинава се вложени и 36 000 евра на дополнителни зафати. На 10 киловолтниот далновод од кој Вевчани се напојува со електрична енергија, годинава заменети се 16 столба, а во 2013 и 2012 вкупно 24. Ние остануванме на она што го ветивме дека ќе инвестираме и ќе реконструираме според динамика која и временските услови и пристапот до енергетските објекти ќе ни дозволи. Апелираме до корисниците од Вевчани да продолжиме заеднички да работиме на целтта подобрување на снабдувањето со електрична енергија во ова населено место.- се вели во соопштението на ЕВН.
Г.М.