Попладнево во Охрид дува умерен јужен ветер, кој го разбранува Охридското Езеро кое ја надмина котата од 694 метри надморска висина, што е горна критична граница дозволена при големи води согласно водостопанската дозвола на ЕЛЕМ. Бранови го заплискуваат кејот, но состојбата со преполното Езеро засега е стабилна.
Под влијание на циклонот од југ наречен „Алексеј“, во текот на ноќта и особено утре претпладне се очекуваат обилни врнежи од дожд, проследени со засилен ветар од јужен и западен правец и грмотевици, што може да предизвика проблеми на охридското крајбрежје. Поради очекуваните врнежи од дожд кои ќе бидат проследени со силен јужен ветар со брзина од околу 80 км/ч се препорачува на сопствениците на објекти во крајбрежниот дел од Охридското Езеро да преземат мерки за заштита од поплавување.
Исклучително сложена е состојбата по течението на реката Црн Дрим. Поради зголемување на дотокот на вода во сливното подрачје на реката Црн Дрим, и зголемување на нивото во акумулационото езеро Глобочица, викендов, се очекува преливање на водата низ преливната шахта на браната и испуштање во старото корито на реката Црн Дрим, при што е можно поплавување на регионалниот пат Струга-Дебар. Низводно од браната каде на најнискиот дел од патот (пред с.Луково) се очекува висината на нивото на водата да достигне околу 1 метар, предупреди Општина Струга.
Најголемите протоци на вода се очекуваат да бидат ноќта на 31.03.2018 година, и да траат се до попладневните часови на 01.04.2018 година кога се очекува одредено стабилизарaње на истеците на вода. Поради тоа се препорачува на граѓаните, во овој период, да не патуваат по регионалниот пат Струга – Дебар, низводно од браната Глобочица.
OhridNews












