На охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, со чартер лет на авиокомпанијата „Онур Ер“ од Истанбул денеска пристигна првата група од 180 туристи од Турција што организирано ќе летуваат на Охридско-струшката ривиера преку аранжманите на турскиот тур-оператор „Татилбудур“.

Добредојде на првите гости од Турција на охридскиот аеродром за сезоната 2018 им посакаа градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој истакна дека директната авионска линија до Истанбул како чекор во насока на дополнително унапредување и зајакнување на врските со турскиот народ.

– Во најскоро време ќе го објавиме јавниот повик за финансиска поддршка на нискобуџетни авиокомпании кои че понудат нови авиолинии, со што ќе овозможиме македонските граѓани да летаат по ниски цени кон многу метрополи, а охридскиот аеродром дополнително да го ставиме во функција, да ги искористиме неговите капацитети и да овозможиме што повеќе туристи да ја посетат Македонија. – рече Сугарески.

Летовите до Охрид, ќе се одвиваат секоја недела, поаѓајќи од аеродормот Ататурк во Истанбул во 13:40 часот, и враќајќи се од Охрид за Истанбул во 15:00 часот. Летовите на Онур ер до Охрид, ќе бидат со авиони од типот Ербас А320. Авионските билети за летовите на „Онур Ер“ од Истанбул за Охрид покрај за аранжманите ќе бидат понудени и во слободна продажба. 

-Во текот на ова лето, повеќе од 4.500 патници со 23 летови од Истанбул ќе пристигнат на аеродромот во Охрид, а летовите ќе се одвиваат еднаш неделно, од 15-ти април до 21-ви октомври. Ова ќе биде значителен придонес за порастот на вкупниот број турски туристи овде, како и за развојот на туризмот на Охридското Езеро воопшто. Иако се организирани како туристички пакети, овие летови не се само туристички тури, туку и добра врска помеѓу двата града како за бизнис, така и за посети на роднини и пријатели. – изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Патниците на Онур ер, освен што ќе бидат во можност да остварат директен лет од Истанбул до Охрид, во Турција ќе имаат можност да летаат во 6 градови по пристапни цени, и тоа во: Адана, Алања-Газипаша, Анталија, Истанбул, Измир и Трабзон.

– Се надеваме дека ќе постигнеме успех во Охрид, заокружувајќи широк спектар на нашето културно наследство. Летовите треба да ги привлечат не само патниците кои живеат во Македонија, туку и оние кои живеат во соседната држава Албанија, а авио-картите можат да се купат преку нашата веб-страница, како и преку авторизираните агенции за продажба. –  изјави Теоман Тосун, Генерален директор на Онур ер.

Моментално за Охрид оперираат директни авионски линии од Базел, Цирих и Лондон што сообраќаат преку целата година. За престојната сезона покрај Истанбул најавени се летови од Варшава, Талин и Ајндховен, покрај постојните од Амстердам, Брисел, Тел Авив и Катовице, а од есен ќе стартува редовна линија од Виена. 

OhridNews