Трет ден активен е пожарот во планинскиот предел помеѓу селата Вапила и Сирула, охридско. Штетите се огромни, за што сведочат снимките кои денеска ги направи екипата на OhridNews oд местото на пожарот. Зафатена е површина од околу сто хектари шума и ниска вегетација, уништени се природни живеалишта на многу видови растителен и животински свет.

Топлото време и ветрот неповолно влијаат на напорите на надлежните служби кои деноноќно се борат со огнот кој тлее на повеќе локации во густата шума.

Во смени на повеќе локации се екипи на Македонски шуми ПЕ Охрид, противпожарната единица од Охрид, кои заедно со Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, општината и локалните жители прават напор да го елиминираат пожарот. Ситуацијата се држи под контрола, но непристапниот терен со густа шума и карпи им ја отежнуваат максимално работата на луѓето ангажирани во гаснење на пожарот.

Погледите се свртени кон небото. Дождот никогаш не бил попотребен сојузник, чад од оган има на широко подрачје. Големината на штетите допрва ќе се утврдува, но уште сега е јасно дека тие се огромни. Допрва ќе се утврдуваат и причините за пожарот, а сомнежите се дека се работи за човечки фактор.

Намера или невнимание во комбинација со очигледните последици од климатските промени кои од година во година носат се поекстремни топлотни бранови, суши и невремиња, предизвикуваат огромни штети уништувајќи значителни површини од природата и живиот свет, што ќе има далекузежни последици и негативни влијанија врз целокупниот живот глобално на планетата, а секако на микро план и во местата каде живееме.

Г. Момироски