Линијата на пожарот кој од вчера беснее во атарот на село Опеница, охридско, се протега на неколку киломентри. Против огнената стихија два дена се борат екипи на Професионалната противпожарна единица од Охрид, а во гаснењето се ангажирани и нивни колеги од Ресен, како и авиони, Македонски шуми и други служби и јавни претпријатија.

Екипа на OhridNews доцна попладнево беше на местото на пожарот, Една екипа пожарникари земаше краток здив и се подготвуваше за нова битка со огнот кој можеше да се забележи од регионалниот пат Охрид – Ресен. Со „напртњачи“ на грбот пожарникарите се упатија кон планината од која се издигаше густ чад. Таму е уште една екипа пожарникари чија задача е да не дозволи преминување на огнот од другата страна на сртот. Но тоа во голема мера ќе зависи од правецот на ветрот, кој синоќа Охрид го задуши во чад.

Остануваме тука цела вечер, ни изјавија охридските пожарникари.

Местото на пожарот денеска го посетил градоначалникот на Охрид. Најавена е мобилизација на сите расположливи ресурси во текот на утрешниот ден со цел елиминирање на опасноста.

Пожарот кај Опеница има зафатено неколку хектари борова шума. Причина е човечки фактор, ни кажаа низ разговор охридските пожарникари, посочувајќи дека огнот избувнал наеднаш од три места. Тоа повторно го отвора прашањето на одговорност на причинителите на пожари, кои и натаму кај нас минуваат неказнето.

Во гаснењето на пожарот во Опеница денеска беа вклучени и специјалните авиони „Канадер“ кои дејствуваа максимални три часа. Надлежните институции велат дека се во постојана координација и заеднички ги планираат активностите за справување со огнената стихија.

Охриѓани, пак, се надеваат дека ветрот оваа ноќ ќе им биде сојузник на пожарникарите, но и на нив, бидејќи  воздушните струи за час можат да го донесат чадот до градот, како синоќа, кога беа приморани да спијат со затворени прозори за да ја избегнат непријатната и опасна миризба.

Г.М.

Обновено+видео: Канадери го гаснат пожарот кај Опеница 

Пожарникарите се борат со огнената стихија во близина на Косел