Охрид достојно го одбележа големиот христијански празник Богојавление – Водици. Голем број верници утринава беа дел од богослужбите во црквите, по кои следеше упатување на литиите од трите цркви „Св. Никола- Геракомија“, „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ и „Св. Георги од Горна Влашка Мала на градското пристаниште.

Годинава светиот крст за првпат во водите на Охридското Езеро го положи Митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, господин Георгиј, а најсреќен меѓу стотината капачи беше Мартин Гоџо кој крстот го фаќа по трет пат.

Денешниот ден, овој светол празник не повикува кон личното испитување, како што Христос влезе во водите на реката Јордан, така и ние сме повикани да влеземе во водите на покајанието, запрашувајќи се дали нашето срце е доволно пространо за во него да го сместиме Бога но и нашите ближни. Да се потсетиме дека верата не е само традиција која ја пренесуваме од колено на колено, туку жив однос со Бога. Да си припомниме дека не е доволно само да го положиме крстот во водата туку потребно е самиот Христос кој денес се крштева во Јордан, да го положиме во нашите срца, мисли и што е најважно во нашите дела. Иако денес само еден ќе го фати крстот во овие чисти езерски води сепак Божјиот благослов што извира од него е наменет за сите, рече митрополитот Георгиј пред положувањето на Светиот крст.

На чинот на положување на Светиот крст во водите на Охридското Езеро присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, министерот Александар Николоски, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, претседателот на СДСМ Венко Филипче, претставници од дипломатскиот кор и останати претставници од политичкиот и јавниот живот во државава.

Водени од силната вера во благодатта на осветената вода и од вековниот обичај што го симболизира крштевањето на Исус Христос, голем број верници учествуваа во овој свет чин, со молитва и надеж за духовно прочистување. Честитки до Мартин Гоџо, кој и годинава успеа да го извади светиот крст од Охридските езерски води! Му подарив Пафта, Невестински колан, од Галичник од 19 век., упатувајќи му искрени желби за добро здравје и лична среќа, вели претседателката Сиљановска – Давкова.

За охриѓани Богојавление – Водици е најголемиот христијански празник и можеме слободно да кажеме дека ова е централната манифестација во Македонија, испочитувана од сите институции и од голем број на народ кој доаѓа од сите делови на државата, но и од странство, истакна градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Наша работа како локална самоуправа и организатори на овој настан, заедно со Дебарско-кичевската епархија да расте од година во година и да биде покрај најголем верски празник да биде и еден вид на туристичка атракција каде многу странски туристи ќе можат да видат што е тоа традиција, христијанство и што значи тоа за нас. На фаќачот на чесниот крст по трет пат Мартин Гоџо му посакувам се најдобро, многу среќа, здравје, љубов и оваа година нека биде негова, ама и на охриѓани. Од Општина Охрид за фаќачот на крстот доби икона и рачно изработен филигран, рече Пецаков.

Министерот Николоски потенцираше дека за Охрид Богојавление – Водици е најголемиот празник, посочувајќи ја при тоа масовната посетеност.

Драго ми е што имаме еден прекрасен ден. Мислам дека имаше преку 20 илјади луѓе кои се појавија на градското пристаниште. Видов многу туристи што мислам дека многу значи за развој на градот и туризмот. Мислам дека ова што го прави Општината со поддршка од Владата ќе продолжи да дава резулатите во периодот кој е пред нас. На фаќачот на крстот му посакувам добро здравје, среќа да го прати во текот на годината, додаде Николоски.

Во Охрид на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици и положувањето на Светиот крст присуствуваше и претседателот на СДСМ Венко Филипче кој упати честитки до сите верници од име на СДСМ и до фаќачот на крстот.

На момчето кое и годинава исто како и лани го фати крстот му посакувам многу успех и среќа оваа година. Тоа што скокна во студените води на Охридско Езеро е доказ за една голема храброст, голема умествена и телесна сила, рече Филипче.

Претседателот на Црвен крст Охрид Сашо Точков истакна дека екипите на Црвениот крст Охрид кои биле задолжени за безбедноста на посетителите и капачите имале вкупно 20 интервенции, меѓу нив несвестица, колабирано дете, лица кои не можеле да допливаат.

Седумнаесет интервенции беа во вода и три на копно од страна на спасителите и медицинските тимови. Температурата на водата беше 8 степени, на воздухот 4. Имаше околу 100-тина капачи, додаде Точков.

Настанот на градското пристаниште во Охрид го проследија голем број граѓани од Охрид, земјава и светот. Верниците според обичајот денеска полнеа вода од осветеното Охридско Езеро за здравје.

Чествувањата продолжуваат утре за Денот на рибарите во чест на празникот Свети Јован Крстител кога фаќачот на крстот со тајфата традиционално после литургијата во Свети Никола Геракомија се упатува на Сараиште и уште еднаш се капат, а концерт ќе одржи „Охридски музички еснаф” од ‎12:00 часот.

Фото галерија:

Големиот христијански празник Богојавление – Водици достојно одбележан во Охрид

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска