Не беа сами. Ниту на теренот, ниту во финалната битка за европскиот трофеј.

ГРК Охрид направи голем чекор кон титулата во ЕХФ Европскиот куп, совладувајќи ја МОЛ Татабања на гости со 28:29. Покрај ракометарите, свој удел во историската победа имаа и околу 250 навивачи кои од Охрид допатуваа во Унгарија.

Во Татабања пристигнаа и бројни охриѓани кои живеат и работат низ Европа, а меѓу најгласните поддржувачи беа и семејствата на ракометарите, пријатели и блиски на стручниот штаб. Сите заедно создадоа атмосфера каква ретко се гледа на гостински терен.

Уште пред почетокот на натпреварот, охридските навивачи ја претворија фан зоната пред салата во мало парче Охрид. Се вееше сино-белата боја, се пееја навивачки песни, а најсилно одекнуваше легендарната „Лихнида кајче веслаше“, песна што одамна е заштитен знак на охридските трибини.

Истата енергија потоа се прелеа и во салата, каде поддршката за ГРК Охрид не престана ниту во најтешките моменти од мечот. Навивачите беа осмиот играч на тимот и ветер во грб за ракометарите кои со голема борба стигнаа до победа што веќе има историска тежина.

По последниот свиреж следуваше заедничка прослава на играчите и навивачите, сцени исполнети со емоции, прегратки, песни и чувство дека оваа генерација веќе испишува спортска приказна што долго ќе се памети во Охрид.

Но, работата сè уште не е завршена.

Реваншот за европскиот трофеј се игра на 31 мај во Охрид, каде се очекува преполната сала „Билјанини Извори“ да биде центарот на европскиот ракомет и уште еднаш да покаже како дише градот кога игра ГРК Охрид.

Г.М.
Фото: А. Момироска