На охридскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ точно напладне околу 400 матуранти матуранти од училиштата СОСУ „Свети Кирил и Методиј“, ОСУ „Свети Климент Охридски“ и ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ беа дел од традиционалната „Матурска парада“.

Пред бројната публика, матурантите го одиграа танцот „квадрил“ од штраусовата опера „Лилјакот“. Видно возбудени велат се подготвувале за оваа парада повеќе од два месеци и многу труд бил вложен во подготовка на истата.

Иако сите имаме различни патишта се надевам дека сите ќе бидеме успешни, но пред се среќни. Заедно со матурантите од уште неколку градови во Македонија, но и од останатите неколку држави не само што во исто време, на иста музика синхронизирано игравме, туку како генерација испраќаме порака за ненасилство, мир и толеранција, вели матурантката Катерина Маневска.


Почестени сме што и оваа година, Охрид се најде на листата на градови, кои негуваат убава традиција, преку која во исто време, со иста музичка мелодија и синхронизирани танцови движења се испраќа силна порака за мир и толеранција, рече во обраќањето градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Матурата е важен животен премин, кога мора де се донесат значајни одлуки за идните чекори. Верувам дека со вашата младост, вашата позитивна енергија и стекнатите знаења ќе го изберете вистинскиот пат, ќе напредувате на сите полиња и ќе бидете гордост за вашите родители и за сите нас. Соништата се денешните одговори на утрешните прашања. Успехот не доаѓа кога ќе посакате. Тој доаѓа кога ќе постојат јасни планови, силна желба и постојана упорност. Големиот државник Абрахам Линколн рекол, “Секогаш имајте на ум дека вашата сопствена волја за успех е многу поважна од било што друго“, рече Пецаков.


Инаку, парадата се одржа во шест земји, покрај во Македонија и во Словенија, Србија, Словачка, Црна Гора и Унгарија. Во изминатите четиринаесет години учествувале матуранти од стотина градови од Македонија, Словенија, Италија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Романија, Бугарија, Албанија, Украина, Унгарија и Австрија и вкупната бројка на учесници надминува 450.000 матуранти.

Матурантите танцуваа и испратија порака за ненасилство, мир и толеранција

Н.С.Ј.

видео. Б. Стојаноски