Преку 50-тина ученици од Националните секции на Србија и Хрватска на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) и исто толку од Македонија денес беа дел од мото дефилето во Охрид во рамки на Меѓународниот караван на пријателството.

Кај Подмоље учесниците беа пречекани од членови на мото секцијата на ИПА Охрид како и од членови на мото клубовите од Охрид, од каде започна заедничкото мото дефиле по булеварите „Туристичка“ и „Македонски Просветители“ се до градското пристаниште.

Станува збор за традиционална средба, караван на пријателството што ја организира оваа година ИПА Македонија. Се работи за дружење на членови на мото клубовите од овие национални секции кои овој викенд ќе имаат не само професионални контакти, туку повеќе и низ призмата на мото дефилето и дружењето ќе го зацврстат своето меѓусебно пријателство кое ќе се одрази и на нивната професионална соработка. Изминатиот караван беше организиран во Албанија, оваа година тука во Македонија и всушност ова е и еден дел на кој се заснова и почива дружењето и целата организација ИПА која работи и функционира во 94 земји во светот. Професионалната соработка, исто така, е значајна за понатамошните активности кои полициските службеници ги преземаат во нивните меѓусебни контакти на професионален план, разменување на информации, се со цел да се зајакне и профилира полициското работење, вели претседателот на ИПА Охрид, Стефан Димоски.

ИПА караванот на пријателството е нешто што постои и што ќе се развива во насока да се остваруваат целите на ИПА, вели Владан Антиќ, претседател на Националната мото секција од Србија.

Во смисла на тоа ИПА да биде тоа што е и по светскиот статут да се шири пријателството, меѓу полициската соработка, помеѓу полицијата во земјите кои се членки на ИПА, додава Антиќ.

Меѓународниот караван на пријателството, во чие одржување значајна улога има и МВР и СВР Охрид, моторџиите од ИПА националните секции на Србија, Хрватска и Македонија го продолжуваат кон Битола и Прилеп.

Н.С.Ј.

фото/видео. Б.Стојаноски