На сред град мало Охридско Езеро во нашиот двор и влез. Вака жителите од станбената зграда на ул. Галичица бр. 37 го опишуваат долгогодишниот проблем со кој се соочуваат при секој поголем дожд.

Денешното невреме проследено со обилни врнежи од дожд и град повторно го поплави влезот на зградата. Жителите се жалат дека и покрај ветувањето од надлежните проблемот не е решен. Сега добиле ново ветување.

Сега ни ветија дека ќе се средело до крајот на месецот. Не верувам. 3 години не тргет за нос за средување на овој децениски проблем на улица Галичица, вели револтиран жител на зградата бр. 37.

А проблеми денешното невреме предизвика и во други делови од градот. Големите количини дожд што за кратко време наврна предизвика помали поплави на места, а делови од Охридско беа зафатени со врнежи од град кој исто така предизвика штети.

Поради обилните врнежи од дожд што попладнево го зафатија Охрид, екипите на јавните претпријатија излегоа на терен и интервенираа на повеќе локации со отворање на шахтите од атмосферската канализација. Овие активности се преземаат за да се обезбеди побрзо одведување на надојдените води и да се спречи задржување на дождовницата на коловозите и тротоарите, информира Локалната самоуправа.

Се упатува апел до учесниците во сообраќајот да се движат со зголемено внимание, а до пешаците да бидат претпазливи заради нивна лична безбедност.

Екипите на јавните претпријатија остануваат на терен до нормализирање на состојбата на јавните површини во Општина Охрид, соопшти Локалната самоуправа.

Г.М.