Членови на клубот за подводни дејности „Охрид“ од Охрид денеска во водите на Охридското Езеро, кај градското пристаниште, поставија новогодишна елка.

Елката ќе ги краси езерските води до стара Нова година и ќе биде видлива преку ден за шетачите во центарот на градот.

На охридските нуркачи им се придружија и колегите од клубот „Пена“ од Тетово, а традиционално акцијата беше посветена на лицата со ретки болести. Најмладите, пак, добија новогодишни пакетчиња.

Настанот имаше и хуманитарен карактер. Членовите на клубот за подводни дејности Охрид, доделија ваучери од по 10.000 денари на три социјално загрозени семејства од Охрид.

Подводна елка и во Градиште

Нуркачите од Нуркачкиот центар АМФОРА од Охрид во Музејот на вода традиционално и оваа година ја накитија подводната новогодишна елка и на сите граѓани на Република Македонија им ја честитаат новата 2023 година.

Како и секоја и оваа нова 2023 година нуркачите од Амфора им ја посветуваат на децата со ретки болести со желба за здравје, успех и срќно детство. – велат од клубот.

Посетителите на Музејот на вода елката ќе можат да ја видат до крајот на јануари.

OhridNews