Голем број партиски членови, симпатизери и поддржувачи, се собраа вечерва на градскиот плоштад во Охрид да ја прослават победата на кандидатот на ВМРО ДПМНЕ Кирил Пецаков на локалните избори 2025.
Победата се славеше со музика, „бакљи“ и огномет кој го осветли небото над Охрид.
На присутните им се обратија пратеникот во републичкото Собрание Сашо Донев, носителот на листата на советници на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата Перчо Божиноски и старо-новиот градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков.
Пецаков најави дека уште од утре ќе продолжи реализацијата на почнатите и ветените проекти поради кои ја доби поддршката на охриѓани.
Ова е победа којашто мене ме обврзува многу и победа на која јас и мојот тим работевме 4 години стоејќи цврсто на нозе и со народот. Знам каде почнавме 2017 година, а каде сме сега, за да стигнеме до, како што велат ветераните, најдобрата генерација на ВМРО ДПМНЕ. Пред мене се 4 години кои ќе имаат двојно поголема тежина во споредба со претходниот мандат. Народот препозна дека тоа што го работиме се разликуѕва од минатото и ќе донесе просперитет во иднина. Од утре продолжуваме со работа затоа што имаме 16 проекти кои треба да ги реализираме со што Охрид стратешки и сериозно ќе се промени, рече Пецаков.
Според првичните информации на Државната изборна комисија, кандидатот на ВМРО ДПМНЕ Кирил Пецаков има предност пред кандидатот на СДСМ и коалицијата Асен Шајн во сооднос 3:1 со што извесно обезбедува втор градоначалнички мандат уште во првиот изборен круг.
Гласовите од советничките листи ќе се пребројуваат во текот на ноќта, по што ќе биде познат односот на силите во советот на Град Охрид.
Фото галерија:
ВМРО ДПМНЕ ја прослави победата на локалните избори во Охрид
Г.М./А.М.