Охрид авионски се поврзува со две нови дестинации. На охридскиот аеродром утрово слета првиот авион со туристи од Велика Британија на ТУИ ервејс  од Манчестер, а во текот на денот се очекува и вториот лет од аеродромот Гетвик во Лондон.

Воведувањето на новите две сезонски авиолинии од охридскиот аеродром беше обележано со воден мост, свечен пречен на туристите, како и сечење на црвената лента.

Генерален директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт во своето обраќање истакна дека со воведувањето на два нови сезонска лета на кои ќе сообраќа TUI UK и ќе доаѓаат од Манчестер и Лондон на охридскиот аеродорм од денес се очекува во Охрид да пристигнат приближно 6000 илјади британски туристи.

Туристите ќе може да пристигнуваат се до 20 септември во Охрид со еден лет неделно, односно секоја среда. Како ТАВ аеродоромски оператор Охрид отсекогаш ни бил важна локација заради културното наследство што го поседува и како можност за развивање на туризмот. Затоа за нас е подеднакво важно и денешното воведување на овие два лета за кои сме денес тука и им благодариме на TUI UK затоа што решија да ги воведат овие нови чартер летови за туристите да доаѓаат во Охрид.

Генералниот директор на ТАВ, потенцираше дека со воведувањето на овие летови од Манчестер и Лондон британските туристи ќе имаат можност да ја посетат оваа неверојатна дестинација, можност да го посетат стариот дел на Охрид кој е на листата на УНЕСКО, антички локалитети и да ја пробаат добрата храна, гостопримството во Охрид и да се запознаат со локалната традиција.

Патниците кои пристигнуваат од Манчестер и Лондон ќе имаат можност да уживаат во се тоа што може да им пружи Охрид. Веруваме дека за секого има по нешто во што може да ужива тука, рече Курт, изразувајќи надеж дека летовите од еден лет неделно во иднина ќе бидат со повеќе фрекфенции неделно.

Извршниот директор на ТУИ Ервејс Велика Британија за скијање, езера и планини, Крис Логан, истакна дека минатото лето за првпат ТУИ ги воведе аранжманите за патување од Обединетото Кралство во Охрид.

Доста сме возбудени дека ќе ја прошириме оваа наша програма за летни одмори и дека ќе овозможиме повеќе можности за повеќе британски туристи да ја искусат оваа прекрасна дестинација. Групацијата ТУИ има долгогодишна и силна врска со Северна Македонија како со нашите колеги од Холандија кои доаѓаат постојано тука, и затоа TUI UK се радува што може да ги следи овие чекори и да ја продолжи традицијата. Ќе оперираме со два лета неделно до охридскиот аеродром односно од Лондон – Гетвик аеродормот и Манчестер во текот на целата летна сезона со тоа што ќе им дадеме можност на повеќе клиенти од двата дела на Обединетото Кралство и од северот и од југот да имаат можност да го посетат Охрид. Имав можност лично да се уверам во тоа каква неверојатна дестинација е Охрид со природата, гостопримството, храната и опсегот на хотели на крајбрежјето. Охридското Езеро со доста долгата историја е одлично дополнување на нашата програма за летните одмори односно програмата за езерски туризам на ТУИ од Обединетото Кралство.

Додаде дека државата не е многу позната дестинација за тие кои сакаат да патуваат од Обединетото Кралство, потенцирајќи дека тоа ќе се промени со патниците кои ќе дојдат во Охрид и потоа ќе го споделат своето искуство за оваа прекрасна и уникатна дестинација. Изрази надеж дека оваа дестинација и во иднина ќе биде воспоставена како популарна дестинација за британските туристи.

Министер за транспорт и врски, Благој Бочварски истакна дека овие нови дестинации значително ќе придонесат за развој на целиот регион, развој на авиосообраќајот, бидејќи новите авиолинии значат зголемен број на туристи, а тоа е значаен чекор кон обезбедување економски и туристички развој.

За нас Охрид како најголем туристички центар на Северна Македонија ни е многу важен и затоа нашите политики се токму во насока на обезбедување негов забрзан развој. Ова поврзување на Охрид до аеродромите во Лондон и Манчестер е голем бенефит исто така и за сите наши граѓани, бидејќи тие аеродроми овозможуваат значајни врски кон остатокот од Европа и светот. Низ годините докажуваме дека Владата на Северна Македонија и нашиот партнер ТАВ, умееме од Скопје и од Охрид да направиме атрактивни дестинации и тоа е наш заеднички успех, рече Бочварски.

Потенцираше дека и оваа година, како и минатата 2022, има позитивен тренд на раст на авиосообраќајот во земјава, додавајќи дека во првите четири месеци од годинава има раст на бројот на патници за 44 % повеќе во споредба со минатата година или раст од 11 % во споредба со 2019 година кога беше и најдобра година со најголем број на превезени патници.

Конкретно за охридскиот аеродром имаме раст на бројот на патници од преку 30 % во споредба со минатата година. Продолжуваме да ги реализираме нашите успешни политики за обезбедување на квалитетни услови во авиосообраќајот, за нови дестинации за граѓаните и зголемен број туристи во нашата земја, додаде Бочварски.

Фото галерија:

Охрид авионски се поврзува со две нови дестинации Манчестер и Лондон

Н.С.Ј.

видео. Б. Стојаноски

фото. А. Момироска