Во присуство на бројни гости, соработници, партнери, закупци и пријатели, свечено почна со работа долгоочекуваниот трговски центар „Охрид Мол“ кој се очекува да прерасне во нова современа дестинација во Охрид и регионот.
Со површина од над 17.000 м2 „Охрид Мол“ претставува совршена комбинација на мода, забава и нов културен и економски импулс. Со внимателно одбрани содржини усогласени со потребите на потрошувачите, новиот трговски центар во Охрид ќе го редефинира концептот на пазарување.
Инвеститорот и сопственик на „Охрид Мол“, Влатко Богоевски, упати благодарност до клучните фактори за реализација на проектот, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, брендовите кои се дел од трговскиот центар, директорката на трговскиот центар Марија Филева, како и тимот на Халк банка за укажаната доверба.
Се надевам имаме не само модерен трговски центар, туку и место каде што граѓаните на Охрид ќе се чувствуваат пријатно, ќе креираат убави спомени, ќе купуваат и ќе се забавуваат, истакна Богоевски.
Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков го посочи значењето на инвестиција за економскиот развој на Охрид, отворање на нови работни места и развој на туризмот.
„Охрид Мол“ не е само збир на продавници и брендови, тој ќе биде нова енергија во пулсот на градот, нова точка за забава, место каде што секој чекор ќе значи можност за работа, купување, за дружење, за инспирација… Овој простор претставува спој меѓу традицијата и модерното живеење и е важен доказ дека Охрид може да ја чува својата историја, но и храбро да чекори напред кон иднината. Денешниот ден покажува дека ваквите економски проекти го менуваат секојдневието, го збогатуваат животот на една средина и оставаат трајна вредност за генерациите што доаѓаат, додаде Пецаков.
Вицепремиерот и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, поради неодложни обврски не присуствуваше на свеченото отворање. Тој упати искрени честитки за реализацијата на овој значаен проект за градот и регионот и најави дека ќе го посети „Охрид Мол“ во недела.
Понудата на „Охрид Мол“ е микс од познати светски брендови и препознатливи домашни имиња кои ќе креираат незаборавно шопинг исксутво за посетителите. Новиот трговскиот центар нуди и богата гастрономска понуда, специјален простор за забава на најмладите, супер маркет, аптека, банка… „Охрид Мол“ располага со сопствен паркинг за над 200 возила што го прави овој трговски центар пристапен за сите.
„Охрид Мол“ како симбол на новата визија за развој Охрид, се очекува да има позитивно влијание врз локалната економија и развојот на градот и да креира над 200 нови работни места.
Фото галерија:
Охрид Мол ќе биде симбол за новата визија на Охрид
Н.С.Ј.