На пригодна свеченост што се одржа вечерва во Кадмо бар, Охридњуз ја промовираше Годишната ревија на настани за 2025 година и по 12 пат ги додели признанијата за успешните приказни во годината што измина.

Признанието „Бизнис приказна на годината“ го доби компанијата ЛТХ Леарница која минатата година одбележа 20 години постоење. Изминатите две децении компанијата од деведесеттина вработени достгна над 530 и успешно се позиционира на пазарот во автомобилската индустрија.

Благодарност до Охридњуз за признанието и препознавањето на нашата компанија како еден придонесувач на локалниот развој. Особено сум горда за тоа што го имаме направено изминатите 20 години, мислам дека со нашата екипа го имаме трасирано вистинскиот пат и се надевам на успех и развој понатаму. Честитки до Охридњуз за ваквата иницијатива кадешто до израз доаѓаат индивидуалци и компании и им се дава внимание и чест за она што го постигнале, истакна Наташа Јовческа – директор на ЛТХ Леарница.

Наташа Јовческа – Директор на ЛТХ Леарница Охрид

ОО Црвен крст Охрид кој во 2025 година одбележа 80-годишен јубилеј, доби Признание за хуманост и општествено делување. Секоја успешна приказна на Црвениот крст почнува и завршува со волонтерите, вели претседателот на ОО Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Да се стигне до успешна приказна во една активност или акција е навистина комплексна работа која е поврзана со многу други фактори, институции и организации. Медиумите се линкот со јавноста, а нема настан од јавен интерес којшто сме го реализирале а да не биде проследен од Охридњуз и заради тоа ова признание навистина е инспирација и мотивација за волонтерите и сите оние кои делуваат во нашата средина и кои можат да го подобрат животот во заедницата. Благодарам и повикувам во ова време невреме сите да придонесеме нашата заедница биде подобро место за живеење и да немаме веќе сиромашни, рече Точков.

Сашо Точков – Претседател на ОО Црвен крст Охрид

На ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид кој во 2025 година одбележа 90 години постоење, му беше доделено Признание за научни достигнувања и заштита на Охридското Езеро. Оваа институција девет децении посветено работи на заштитата на уникатниот еко систем во кој живеат бројни ендемски видови.

Благодарност до Охрињуз кој токму со ова признание ја вреднува нашата 90-годишна посветеност на проучување, меѓутоа и на заштита на овој уникатен акватичен еко систем – Охридско Езеро. Ова е мотив со уште поголеми заложби и посветеност да го работиме она што навистина го работиме со љубов во сите овие 90 години. Почнувајќи од генерациите работници пред нас, така и на оние коишто сега делуваат активно во Хидробиолошкиот завод, истакна д-р Охридеја Тасеска, директор на ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид.

Д-р Орхидеја Тасеска – Директор на ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид

Охридњуз им додели признанија за трајни вредности на извонредниот ликовен уметник со светско реноме Јордан Манасијески и на историчарот проф. д-р Павле Митревски кој продолжува со научна дејност и во 94-та година од животот.

Јордан Манасијески е врвен уметник кој создава безвременски дела преку кои не препознава светот.

Оваа награда и внимание ќе најде место меѓу сите награди кој досега сум ги добил од светот и ќе биде присутна помеѓу нив. Достоинствена награда. Зошто? Затоа што има нешто што сите скоро го знаат: Ретко каде пророкот е признат во своето родно место, а јас тука добив признание. Ви благодарам. – рече уметникот Јордан Манасијески.

Јордан Манасијески – Ликовен уметник

Проф. д-р Павле Митревски е автор на над 15 научни трудови кои фрлаат светлина на историските настани во Охридско-струшкиот регион. Тој активно работи и во десеттата деценија од животот.

Годишната ревија на настани на Охридњуз е приказна која треба да се почитува затоа што ги бележи настаните кои се историја за Охрид. Во име на сите љубители на пишаниот збор ви благодарам, рече проф. д-р Павле Митревски.

Проф. д-р Павле Митревски – Историчар

Спортска приказна за 2025 година е ГРК Охрид кој во тековната сезона освои два престижни ракометни турнири и за прв пат во клупската историја презими во Европа.

Благодариме OhridNews за оваа награда, благодариме и на тоа што сте дел од нашиот тим, за оваа приказна да биде се подобра и подобра. И како што ние наведуваме на секое наше излагање и на стручниот штаб на чело со Борис Ројевиќ, дека во овие три години, чекор по чекор, наша цел ќе биде еден трофеј во нашите витрини. Фала ви, навистина е ова ветер во грб да продолжиме понатаму. Како што спомнавте Европскиот Куп е нашата цел која на одреден начин ја исполнивме бидејќи презимивме во Европа. Ги повикувам охриѓани да бидат дел од нашиот следен европски натпревар на 14-ти февруари и да не бодрат во спортската сала „Билјанини извори“. Нашиот најголем успех се полните трибини, тоа е ветерот во грб, а и ваквите награди. – изјави спортскиот директор на ГРК Охрид Славчо Ристески.

Славчо Ристески – Спортски директор на ГРК Охрид

Водител на манифестацијата беше новинарката Адријана Митевска, а настанот во разубавениот амбиент на Кадмо бар во центарот на Охрид музички го збогати групата „Ника“.

Печатеното издание на Годишната ревија на настани деновиве бесплатно ќе биде дистрибуирано до читателите, а списанието има и дигитална верзија која може да се најде на следниот ЛИНК.

OhridNews
Фото: А. Момироска
Видео: Бобан Стојаноски/Давор Левески/Ристе Лекоски