Денеска во Охрид започнува петтото издание на Меѓународниот ракометен турнир „Крсте Андоновски“, кој според квалитетот на учесниците е најсилен досега. Осум екипи од регионот и Египет во наредните пет дена ќе се натпреваруваат во СРЦ „Билјанини извори“, а финалето е закажано за сабота, 22 август.

Момент од пресконференцијата по повод 5.издание на Меѓународниот ракометен турнир „Крсте Андоновски“. Фото: Анамарија Момироска I OhridNews

На турнирот настапуваат домаќинот ГРК Охрид, Вардар 1961, Загреб, Војводина, Нексе, Олимпијакос, Тримо Требње и младата репрезентација на Египет. Дел од натпреварите во Охрид воедно ќе се сметаат и во новата Регионална лига.

Екипите веќе се во Охрид, со исклучок на Нексе и Тримо Требње кои пристигнуваат попладнево, а претставниците на клубовите очекуваат силни натпревари кои ќе бидат вистински тест пред почетокот на новата сезона.

 

Тренерот на домаќинот ГРК Охрид, Борис Ројевиќ, им посака добредојде на учесниците и турнир без повреди.

Не очекуваат силни натпревари против квалитетни противници. Целта е да одиграме добро и да победиме во што е можно повеќе натпревари, ако е можно, истакна Ројевиќ.

За хрватскиот првак Загреб, турнирот во Охрид доаѓа во вистински момент од подготовките.

Турнирот ни доаѓа како шлаг на торта, за да видиме што сме сработиле добро во подготовките, а што лошо. Ќе играме против силни противници и тоа ќе ни помогне за претстојната сезона, рече тренерот Хрвое Хорват.

 

Слични се очекувањата и во Вардар. Тренерот Иван Чупиќ посочи дека квалитетните натпревари против амбициозни екипи се најдобар начин да се видат добрите, но и слабите страни во подготвителниот период.

Олимпијакос во Охрид пристигна со значително изменет состав. Тренерот Рикардо Трелини истакна дека грчкиот тим има девет нови играчи и дека силните натпревари на турнирот се исклучително важни за воигрување на екипата.

 

 

Со подмладен состав на турнирот настапува и Војводина. Тренерот Милутин Лучиќ најави дека шанса сезонава ќе добијат повеќе млади ракометари од клупската школа, а натпреварите во Охрид треба да покажат во каква форма е тимот пред почетокот на српскиот шампионат во септември.

Посебно искуство турнирот ќе претставува за младата репрезентација на Египет. Помошник-селекторот Мохамед Рамадан истакна дека дуелите со искусни сениорски екипи ќе бидат драгоцени за младите египетски ракометари. И репрезентативците очекуваат силните противници во Охрид да им помогнат во подготовките за Африканското првенство што ги очекува во септември.

Екипите се поделени во две групи. Во групата А се Охрид, Загреб, Војводина и Египет, додека во групата Б ќе играат Вардар 1961, Нексе, Олимпијакос и Тримо Требње. Завршните натпревари за пласман се играат во сабота, а големото финале е закажано за 20 часот.

Влезниците чинат 100 денари за еден натпревар, додека блок-билет за целиот турнир чини 800 денари. Натпреварите ќе бидат директно пренесувани на Арена Спорт, а резултатите, случувањата и сите најнови информации од турнирот редовно ќе може да ги следите на OhridNews.

Денес на програмата

16:30 – Вардар 1961 – Олимпијакос
18:45 – Охрид – Египет У20
21:00 – Војводина – Загреб

Турнирот ќе го отворат Вардар и Олимпијакос, домаќинот Охрид од 18:45 часот ќе го одигра првиот меч против младата селекција на Египет, додека првиот натпреварувачки ден ќе го заокружат Војводина и Загреб.

Г.М.
Фото: А. Момироска