Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора денес започнаа протест со блокада на граничните премини за влез и излез на товарни моторни возила од државите до надминување на проблемот за евиденција на престој на возачите во Шенген зоната.

Граничните премини кои денес се блокирани се: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.
Превозниците на ГП Ќафасан велат дека протестот се одвива согласно договорот и остануваат до исполнување на нивните барања од страна на Брисел.
Од СВР Охрид посочуваат дека возачите на товарни возила на мирен начин го искажуваат револтот, а протокот на сообраќај за патнички возила на ГП „Ќафасан“ се одвива непречено во редовна постапка и без поголеми задржувања.
Затворени се граничните терминали за влез на товарни моторни возила на територија на нашата држава и на коловозните ленти на самите гранични премини за излез од државата, но само на делот за товарен сообраќај. Патничкиот сообраќај за патници несметано се врши на секој граничен премин, посочуваат од Асоцијација Макам-транс.
Блокадата, истакнуваат, може да трае еден ден, доколку има соодветен одговор од Европска Унија до надлежните органи на четирите држави, доколку нема одговор предвидено е блокадата да трае 7 дена како просечен период за извршување на превоз на стока во еден циклус.
Камиони го блокираа ГП Ќафасан
Во согласност со здруженијата од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора дозволено е да се пропуштаат товарни моторни возила кои превезуваат лекови, жива стока и муниција и експлозив.
Ги охрабруваме сите превозници да покажат солидарност, а сите останати граѓани и деловни субјекти кои директно или индиректно работат во или со транспортната индустрија да дадат поддршка додека трае протестот за да бидеме заедно посилни во надеж на побрзо решавање на проблемот со правото за работа на професионалните возачи во Шенген зоната, додаваат од Асоцијација Макам-транс.
OhridNews











