Од почетокот на годината до денес на брегот на Охридско Езеро, во заштитени подрачја, покрај реки и ретки природни резервати, се случиле шест пожари во кои изгореа околу 20 хектари трска, или околу 200 000 метри квадратни природа. Причина за пожарите е човечки фактор. Надлежните велат свеста, за жал, тешко се менува, а апелите не даваат голем резултат. Сметаат дека се потребни посериозни и конкретни мерки за заштита на природата и екосистемот на Охридското Езеро кое е старо околу 4 милиони години. Потребни се патроли, па дури и поставување системи за рана детекција на пожари, посочуваат тие.

Предизвикување пожар на отворен простор е казниво дело, а предизвикувачите на пожари се соочуваат со кривични пријави. Но, и покрај тоа, уништувањето на природата не престанува. Тоа го потврдува и евиденцијата на СВР Охрид каде годинава се регистрирани повеќе пожари на трска во Охридско, Струшко и Дебрца.


  • На 20 април во 17:25 часот, во СВР Охрид пријавен е пожар – опожарена трска во блатото на м.в. „Трно“, на улицата „Прилепска“ во Охрид, при што е зафатена површина од околу 7 хектари.
  • На 12 април во 18:20 часот, во СВР Охрид пријавено е пожар – опожарена трска покрај брегот на Охридското Езеро кај селото Подмољје. Опожарена е површина од 4,2 хектари.
  • На 22 март во ОВР Струга е пријавен пожар – опожарена трска покрај брегот на Охридското езеро, на патот помеѓу Струга и селото Калишта, во површина од околу 20 метри квадратни.
  • На 09 февруари во 15:30 часот, во СВР Охрид е пријавен пожар – опожарена трска кај месноста „Чоторов мост“ према Белчишкото блато, општина Дебрца, во државна сопственост за кое, се водело постапка во Министерството за животна средина за прогласување на заштитено подрачје и  парк на природата. Притоа, опожарени се околу 8 хектари трска, дрвни насади и друга вегетација и загрозен е животинскиот и растителен свет во  блатото.
  • На 08 февруари во 14:40 часот, во СВР Охрид е пријавен пожар – опожарена трска на околу 50 метри квадратни покрај крајбрежјето на струшкото крајбрежје од Охридското езеро, заштитена со закон.
  • На 07 февруари во 16:10 часот, во ОВР Струга пријавен е пожар – опожарена трска во приватна сопственост, со површина од околу 200 метри квадратни, покрај крајбрежјето на струшкото крајбрежје од Охридското езеро, заштитена со закон.

Извор: СВР Охрид


По сите пријавени случаи, полициски екипи на СВР Охрид извршиле увид на местото на опожарување и по насоки на јавен обвинител се преземаат мерки за расветлување на слаучаите, вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

За пријавените случаи на опожарување во 2025 година, се уште не се поднесени соодветни пријави, додека за исти случаи во минатата година, поднесени се кривични пријави за „Предизвикување општа опасност“, согласно членот 288 од Кривичниот законик, потенцира Димоски.

Според комадирот на ТППЕ Охрид, Борко Јанкулоски, причина за опожарувањето на трската, е човечки фактор, дали намерно подметнување или од невнимание.

Свеста, за жал, не проработува кај нашите соограѓани. Треба да се преземат репресивни мерки од надлежните институции, потребно е навремено разоткривање на сторителите и нивно соодветно санкционирање. Палењето оган на отворен простор е строго забрането и за тоа има пропишани казни/глоби, но и затворски казни за предизвикување општа опасност и загадување на животната средина, посочува Јанкулоски.

Додава дека кампањите и разговорите со граѓаните да се воздржат од палење на отворен простор значително не ја подобруваат состојбата.

Решение за намалување на ваквиот тип на пожари го гледаме во зголемено присуство на терен, патроли на надлежните институции на критичните места каде најчесто се случуваат овие пожари се со цел поефикасно и навремено разоткривање на сторителите. Можеби во иднина треба да се размислува за видео систем за рана детекција на пожари на отворен простор, токму на местата каде што често ги имаме, додава Јанкулоски.

Штетата според експертите е огромна, затоа што со пожарите не се уништува само трската, туку и природните живеалишта на многу видови флора и фауна.

Трската претставува место каде што многу циприридни риби, особено крапот, се мрестат, а исто така многу водни птици тука се гнездат, како лебедот, разни пајки, чапли и други. Исто така трската претставува природен биофилтер и со нејзино уништување се загрозува пречистувањето на езерската вода, која е најчиста токму на места кадешто има трска која ги акумулира штетните материи во себе, посочуваат тие.

Стручната јавност предупредува дека последиците од уништувањето на трската се несогледливи по живиот свет.

Граѓаните наОхрид и Струга не се доволно запознаени со штетите кои се предизвикуваат со уништување на трската на било кој начин и потребно е да се поработи на подигање на јавната свест кај населението, додават експеритте кои ги консултираше Охридњуз.

Според податоците на Хидробиолошкиот завод, пред четири децении површината на појасот на трска на македонска страна на Охридското Езеро изнесувала околу 75 хектари, а денес таа неколкукратно е намалена.

Г.М./Н.С.Ј.
Фото/видео: А. Момироска