Членовите на младата фудбалска репрезентација на Данска и стручниот штаб кои деновиве  престојуваа во Охрид, не штедеа пофални зборови за посетата на македонскиот туристички бисер пред домашните новинари, но не пропуштија на тамошните медиуми објективно и без куртоазија да им ја претстават и другата слика од нашето спортско секојдневие. Тоа што како впечаток од Охрид го понеле младите данци треба сериозно да ги замисли не само спортските, туку најповеќе туристичките работници и одговорните структури во градот. Покрај скромната инфраструктура, нерамните терени и подпросечни услови за спорт, данците најмногу ги шокира стадото овци кое пасело трева на помошните фудбалски терени на спосртскиот центар.  Да биде бламажата поголема, како секоја сериозна репрезентација, данската ја пратеше новинарска екипа која го снимила и објавила сето тоа. Видео прилогот на кој за жал ги нема убавините на Охрид, туку стадото овци како пасе на лошите терени на кои треба да тренираат фудбалери деновиве ја обиколи Данска, а преку социјалните мрежи и светот.


И што може да се каже после сето ова? За ова ли градските советници политички се надмудруваа и го преименуваа спортскиот центар од „Билјанини извори“ во „Атина Бојаџи“? Што тоа промени во суштина? – Ништо! Време е да и погледнеме на вистината во очи и да си ги признаеме сопствените грешки и пропусти, да се повлече дебела црвена линија и конечно нешто суштински да се промени. За почеток доволно е да се тргнат овците од спортскиот центар, за тоа не се потребни милиони.

Горан Момироски