„Неминовни се суштински промени во општинската организација на СДСМ.“-изјави во видео интервјуто за OhridNews новиот претседател на ОО СДСМ, Д-р Томислав Тунтев.
Тој во интервјуто отворено говори за актуелните состојби и проблеми во огранокот на партијата која доживеа убедлив пораз на последните локални избори, најавувајќи консолидација на партијата и вклучување на целиот нејзин потенцијал во зајакнување на огранокот.
-Мојата намера е во СДСМ да се сменат работите за 180 степени за да фатиме чекор со времето и новите текови и да му покажеме на граѓанството во Охрид со личен пример и комуникација со било кој, вклучувајќи ги и нашите опоненти, дека квалитетот е на наша страна. – рече Тунтев, изразувајќи надеж дека прогресивните сили ќе ги надвладеат ретроградните струи во партијата.
Според него Охрид не може да оди напред без силна опозиција која, како што најави, ќе биде конструктивен опонент и низ дијалог и компромис ќе придонесе за развојот на градот и подобрување на животот на граѓаните.
Во видео интервјуто Тунтев ги изложува плановите и визиите за работа на општинската организација на СДСМ, ги анализира состојбите и работата на локалната власт и градоначалникот, најавувајќи нов пристап во политичката комуникација. Дел од интервјуто е посветено и на неговата книга „Светиот завет“, во која се опфатени важни личности и настани од времето на Св. Климент Охридски до денес, која од печат треба да излезе во октомври.
Интервјуто со Томислав Тунтев, претседател на ОО СДСМ може да го погледнете тука:
OhridNews