Огромни количини мртва плашица плутаат на површината на водата во каналот Студенчишта, додека рекреативните риболовци спокојно ја ловат рибата која очајно се бори за живот.


Поради намалениот водостој и пренасочување на Билјанините извори во водоснабдителниот систем во каналот има недостиг на свежа вода, а со тоа и на кислород, поради што јатата плашица, која инаку тука презимува, се концентрираат во горниот дел. Во битката за живот може да се забележи како рибите се превртуваат на површината на водата и потскокнуваат во воздух. За жал голем дел од нив умираат, а мртви риби буквално има насекаде по каналот.


Од спортско риболовното друштво „Св. Апостол Петар“ велат дека состојбата во каналот Студенчишта е алармантна и оти е потребно итно да се реагира за да се спречи поморот на плашица.

-Мора да се обезбеди доток на минимални количини свежа вода во каналот, неопходни за опстанок на плашицата, вели Радован Димитриески, претседател на СРД  „Св. Апостол Петар“.


Ова не е прв пат оваа година да се случува помор на плашица во каналот Студенчишта. На 10-ти февруари, исто така поради недостаток на кислород изумреа неколку тони плашица. И тогаш, како и во последниот случај голем број рекреативни риболовци ја искористија ситуацијата и со мрежи, најчесто во ноќните часови, непречени од никого ја изловуваат рибата која потоа ја продаваат.


И покрај алармантната состојба засега отсуствува конкретна акција од надлежните институции.

Горан Момироски