– Колку повеќе пријатели имаш на „Фејсбук“, толку подобро си ценет од страна на соучениците и познаниците. Меѓу нив има и лица кои се повозрасни, некои од нив често пати ни имаат пуштено видео- клипови со порнографска содржина. Како што кажуваат ги снимиле со своите девојки. Кажуваат дека сега тоа е модерно и убаво би било ако и ние се најдеме на еден таков клип. При тоа, напоменуваат дека ако се согласиме за тоа не треба никој да дознае, особено не нашите родители, велат осмоодделенки од Охрид.
Честите коментари на родителите се: – Подобро е мојата ќерка да е во соба со комјутерот, барем така знам каде е моето дете. Изјава која според стручните лица не е доволна за психофизичката безбедност на нивните деца. Во време кога педофилијата е се поприсутна околу нас, најчесто родителите не се информирани со кого децата комуницираат преку интернет, велат стручните лица.
– Следете ги секојдневните психички реакции и промени кај децата, не дозволувајте социо-емоционалните потреби на детето да се задоволуваат далеку од вас. Препорачливо е дискретно следење на комуникациските траги на детето, бидете внимателни на бројот и видот, полот, возраста на лицата вклучени во социјалната мрежа на комуникација, особено во ноќните часови. Следете ја секоја промена на кругот на секојдневните дружења и пријателства, емоционалната дистанца од родителите и врсниците, евентуалниот пад на успехот и појава на разни асоцијални облици на однесување во семејството и училиштето. Зголеменото време на дружење со компјутерот или ако тоа премине во опсесија може да биде индикатор за некаквов вид на злоупотреба, советува Проф. Д- р Љупчо Кеверески, експерт по детска психологија.
Од СВР- Охрид информираат дека во соработка со специјалните служби при Министерството за внатрешни работи и Секторот за комјутерски криминалитет може да се откријат лицата кои пуштаат видео- клипови со порнографска содржина и тие соодветно да бидат казнети.
– До сега кај нас не е пријавен ваков случај, иако имаме сознанија дека во интернет комуникацијата меѓу малолетниците тоа е се почеста појава. Ги охрабруваме родителите да го пријават секој сомнителен случај кој потоа би се испитал од страна на нашите служби, вели портпаролот на СВР- Охрид, Стефан Димоски.