Бразилскиот репрезентативец Филипе Кутињо ги смени клупските бои. За рекорден трансфер од 142 милиони фунти во англискиот фудбал Кутињо премина од Ливерпул во шпанскиот гигант Барселона.

Трансферот на Бразилецот го потврдија сите англиски медиуми помеѓу кои и „BBC“, кој никогаш не шпекулира, туку пренесува проверени и точни информации. Инаку, трансферот на Кутињо е втор по висина на оштета во историјата на фудбалот. Првото место му припаѓа на Нејмар кој од Барселона во ПСЖ се пресели за 222 милиони евра.

Со заминувањето на Кутињо на Ноу Камп се става точка на една голема сага која трае повеќе од година дена. Трансферот на Кутињо беше јасен, откако фудбалерот не отпатува со останатите соиграчи во Дубаи на одмор искомбиниран со подготовки за следните мечеви.  

Во зимскиот преоден рок „црвените“ од Енфилд играат главна улога. Прво го направија Вирџил ван Дајк најскап дефанзивец во светот купувајќи го од Саутемтпон за 75 милиони фунти, а сега го продаваат Кутињо како највреден фудбалер во историјата на колевката од фудбалот. Ливерпул со продажбата на Кутињо во Барселона заработи неверојатна сума, бидејќи на Енфилд пристигна од Интер за 8.5 милиони фунти.

OhridNews