Се вратив на политиката за да му помогнам на мојот народ, а тоа ќе го направам со изградба на еден нов тип  патриотизам – за подобра иднина на Македонија, рече независниот кандидат за претседател на државата, Љубе Бошковски, на предизборниот митинг што синоќа се одржа во преполниот Центар за култура во Охрид.


Говорејќи пред охриѓани, Бошкоски кажа дека состојбата во Македонија не се прикажува реално и дека постојат големи проблеми кои треба одговорно да се решаваат.

– На земјоделците, текстилците, рударите, бранителите…. им е доста од неисполнети ветувања, иако некој не сака да ги согледа проблемите со кои се соочуваат македонските граѓани, истакна Бошкоски.

Бошкоски од Охрид упати критика кон политичлките конкуренти, кои како што рече, водат скапи кампањи, најавувајќи дека ќе ги победи затоа што тој на овие избори немал противкандидат.

– Покажав како се бранат националните интереси кога беше најпотребно, а тоа граѓаните го знаат и затоа ќе ме поддржат на овие избори, рече Бошковски. Тој најави дека ќе биде претседател на сите граѓани без оглед на нивната политичка, верска и друга припадност, и ќе работи Македонија да стане просперитетна и меѓународно респектирана држава.

Бошкоски пред охриѓани презентираше дел од својата изборна програма, која како што рече е напишана од народот чии интереси ќе ги застапува тој.


Љубе Бошкоски одржа митинг во преполниот Центар за култура во Охрид

Ohridnews
фото: Васко Бујароски