Подводната свадбена церемонија ја организираше нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид, потпомогнат од ресторанот „Острово“. Венчавката ја изврши меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секуловски, кој истакна дека тоа е свадбен подарок за нивните колеги Анте и Катерина, кои исто така се професионални нуркачи.
– Венчавката се одвиваше на длабочина од 3 метри и траеше околу дваесетина минути. Младенците под вода го кажаа судбоносното ДА, си разменија венчални прстени и се бакнаа, истакна Секуловски.
Тој рече дека олеснителна околност било тоа што младенците биле професионални нуркачи. „Во спротивно младенците ќе треба најпрвин да минат основен курс по нуркање“, појасни Секуловски, додавајќи дека Нуркачкиот центар „Амфора“ е подготвен доколку има интерес во иднина да организира подводни венчавки. „За цена не сме размислувале, но ќе се договориме“, додаде Секуловски.
Четириесет годишниот Анте е роден во Скопје, но живее и работи во Минхен, Германија, додека неговата шест години помлада сопруга по потекло е од Казакстан. Семејната веселба на Анте и Катерина се случи минатиот викенд во еден од рестораните крај плажата „Градиште“.
Подводната венчавка на Анте и Катерина е овековечена со видео снимка и фотографии кои ги направи професионалниот фотограф и нуркач, Емил Јовановиќ.
-Малку е поспецифично да се работи под вода, но мислам дека видео и фото-материјалот што го направивме е одличен. Ова е нешто ново и за нас и сигурно ќе го понудиме снимениот материјал на телевизии и продукции низ Балканот, а преку интернет ќе го види и светот, рече Јовановиќ.
фото: Емилио