Игуменот Методиј, со потекло од Македонија, е човекот што му ја бакна раката на рускиот претседател Владимир Путин, на што овој нервозно реагираше, пренесува „Макфакс“. Видео снимката поставена на Јутјуб со овој настан е една од најгледаните деновиве.
Настанот се случил за време на посетата на Путин на Валаамскиот манастир, кога за време на поздравувањето со верниците и свештениците, игуменот Методиј се наведна и му ја бакна раката на Путин, а овој се оттргна и нервозно реагираше на таквиот чин.
Игуменот Методија во изјава за Интерфакс, рече дека „во бакнувањето на раката на Путин немало ништо „лично и лицемерно“.
„Кај нас на Балканот, во Македонија, Србија, Црна Гора таква е традицијата – секогаш се почитуваат постарите, а и секаде се бакнува рака на родителите, бабите и дедовците, со што се искажува љубов и почит“, вели игуменот.
Според него, со овој чин изразил љубов како претставник „на мал словенски народ кон големиот руски народ“.
„Барам прошка од сите луѓе кои ги ставив во незгодна ситуација со оваа постапка“, додава игуменот Методиј.