Со изведба на познатиот танц  квадрил, на градскиот плоштад, денеска на пладне, охридските матуранти го одбележаа завршувањето на средното образование.



–    Учествуваа сите 400 матуранти. Месец дена се подготвувавме, имаше многу работа, но сум презадоволна од нивната изведба. Оние норми кои ги барав од нив тие ги исполнаа, се надевам дека ова ќе им остане во убаво сеќавање од гимназиските денови, рече професорката Соња Думбалова, под чие водство средношколците се подготвуваа за денешниот настан.


Матурантите добија честитки и од градоначалникот Александар Петрески, кој истакна дека ова е значаен ден од нивниот живот со кој се заокружува средното образование.

–  За нив ова е мошне значаен ден, пресвртница во нивниот живот, кога треба да донесат тешки одлуки каде да се запишат и да завршат факултет. Би сакале по завршувањето на високото образование тие повторно да се вратат во Охрид и се вклучат во градењето на иднината на градот,  рече Петрески.


Меѓународната манифестација „Матурска парада“ годинава се одржува по шести пат, а покрај во Охрид квадрил се играше и на плоштадите во Скопје, Струга,  Ресен, Гевгелија и Струмица.

Тие заедно со своите врсници од Европа се обидоја да го подобрат Гинисовиот рекорд, кој изминатите години го поставија нешто над 30.000 ученици. 

OhridNews