Младата пијанистка Ана Кузманоска од Охрид, ученичка во ООМУ „Методи Патче“ во класата на професорката Ана Ѓорѓиоска, доби големо признание од еден од најзначајните македонски композитори и музички педагози, професорот Димитрије Бужаровски, откако нејзината интерпретација на неговото дело (Дали паметиш Милице) беше професионално снимена и вклучена во неговата официјална музичка архива.

Станува збор за видео-снимка реализирана во домот на професорот Бужаровски, како посебен подарок и признание за извонредната изведба на младата пијанистка. Со тоа, снимката на Ана Кузманоска стана 495-та архивска снимка објавена на веб-страницата на професорот, каде трајно ќе биде зачувана како дел од неговото богато творечко наследство.

Особено признание за талентот и посветеноста на младата охриѓанка се и зборовите што професорот Бужаровски ги упати по снимањето.

Огромно браво за двете Ани! Кога нејзината професорка Ана Ѓорѓиоска ми го побара ноктурното, јас се сомневав дека Ана Кузманоска ќе успее да го подготви со оглед на тежината и во техничка и во интерпретативна смисла. Меѓутоа, на изненадувањата им нема крај – оваа снимка покажа дека Ана, иако е во години на завршување на нижото музичко училиште, се справи со него како зрел пијанист. „Милице“ дише со една леснотија од почеток до крај и технички и музички ја предава приказната која се плете низ ова дело, напиша Бужаровски.

Професионалната снимка, направена во просторот каде што настанувал голем дел од творечкиот опус на Бужаровски, претставува дополнителна вредност и симболично признание за младата пијанистка, чие музицирање доби место во значајна архивска колекција на македонската музичка уметност.

Овој гест е силна поддршка за младите музички таленти и потврда дека признанието од самиот автор на едно дело претставува една од најголемите мотивации за понатамошен уметнички развој.

OhridNews