Еден од најпознатите охридски бендови „Камелеон“ во 2007 година го лансираше хитот „Небо мастило“. Според критиката оваа песна е можеби најдоброто остварување на „Камелеон“, а дефинитивно песна на годината во охридскиот етер. Траката веќе подолго време се врти на охридските радио станици, а е употребена и во спотот за краткометражниот филм на охридскиот актер и режисер  Никола Кумев кој ексклузивно  можете да го погледнете на Ohridnews.

Get the Flash Player to see this player.

Групата КАМЕЛЕОН е оформена во 1997 год. И речиси во истиот состав работи и денес. На почеток во неа свират Тони Јовановски на бас, Драган Василески-вокал, Никола на клавијатури, Роберт Милески-гитара и Оливер Петровски на тапани. Подоцна од групата заминуваат Оливер и Коки, а на нивното место доаѓаат Зоран Кречоски и Петар Трифуноски. Денес како КАМЕЛЕОН се потпишуваат Тони, Драган, Петар и Роберт додека останатите  се драги гости на бендот секогаш кога приликите го дозволуваат тоа.


Првиот официјален настап го имаат на МАКФЕСТ 1998 со „Добро утро таго“, а потоа се редат: Скопски фестивал 1999 каде ја пеат „Без неа“ и ја добиваат првата награда од стручното жири, па Охридски трубадури и.т.н.

За песната „Не заборавај“ на МАКФЕСТ  добиваат награда за најдобар текст, а исто добиваат втора награда за „Дај ми љубов“ на Скопски фестивал во  2001 г. каде настапуваат заедно со Ѓоко Таневски. Имаат дует со Жармена на Охридски трубадури каде ја пеат песната „Добро е“. За „Дај ми љубов“ снимаат спот со Никола Кумев а исто така имаат снимено спот  со Чедо Попоски  за песната „Не заборавај“.

Во 2004 год. го издаваат својот прв албум „Камелеон1“ кој што излегува во прилог на списанието „БЛА БЛА“ и на кој се наоѓаат сите нивни дотогаш снимени песни.

Во меѓувреме групата постојано настапува по разни клубови во Охрид и низ Македонија свирејќи песни од својот репертоар и од други изведувачи. Последно студиско остварување на бендот е песната „Небо мастило“ за која е снимен спот повторно со режисерот Никола Кумев. Песната како и повеќето други песни од бендот, е снимена во студиото КРЕЧОСАУНД  во Охрид.

Ohridnews