Охрид деновиве ќе дише во духот на културата и традицијата пренесени преку фолклорните танци и ора. Годинешното 64. Издание на „Балканскиот фестивал на народни песни и игри“, една од најстарите и најмасовните културни манифестации од тој вид во земјата, ветува богата програма и вистинско уживање за љубителите на фолклорот.
Ќе се потрудиме „Балканскиот фестивал на народни песни и игри“ да го вратиме во вистински сјај, истакна на денешната прес конференција по повод 64-тото издание на „Балканскиот фестивал“, директор на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид, Горан Стојаноски.
Незимерно ми е задоволството што некои организациони работи се преструктуираа и почнуваме веќе да наликуваме на една сериозна институција. Тоа би значело дека обновуваме една сериозна соработка со НУ Ансамбл „Танец“, а формиран е и Совет кој се погрижи за програмата оваа година. Обновуваме една долгорочна соработка која беше прекината и започнува со еден нов меморандум за соработка со „Танец“. Огромна ми е честа што успеавме годинава од буџетски не доволно средства да направиме нешто што ќе биде сериозно видливо и квалитетно, рече Стојаноски.
Тоа што е од суштинско значење за успехот на овој фестивал е успешната соработка досега меѓу двете национални установи, која не е само формална, туку претставува длабоко партнерство базирано на заедничка визија и посветеност, посочи директорка на ансамбл „Танец“, Весна Митевска.
Години наназад нашите две институции работат заедно рака под рака за овој фестивал да биде тоа што е токму денес. Работиме да го одржиме пламенот на традицијата, да го пренесеме балканскиот фолклор на генерациите што доаѓаат нови по нас и да го претставиме Охрид како едно централно место за културната размена. Верувам дека токму овој силен синергетски однос помеѓу нашите две институции ќе се одржува на високи стандарди и континуиран развој на „Балканскиот фестивал“ понатаму. Си ги здруживме повторно силите за да овој Фестивал го вратиме и издигнеме на она ниво како што треба да биде, потенцираше Митевска.
Овој Фестивал не е важен само за градот Охрид, за нашата држава, за Балканот, туку е важен за светот, посочи селекторот Јовица Блажевски, раководител на играорниот кор во „Танец“.
Самиот факт дека вистински некогаш бил важен за светот ни покажува и ќе ни покаже, и ќе ни го докаже тоа денес проф. д-р Стојанче Костов кој на неговото предавање ќе презентира видео записи од Балканскиот фестивал кој ги направил еден американски фолклорист во далеччната 1968 година. Сакаме да дадеме една симболика за значењето на фестивалот и се надевам дека ќе го вратиме сјајот како што бил некогаш. Официјалното отворање на Фестивалот е утре, тардиционално како и секоја година со целовечерен концерт на НУ Ансамбл „Танец“. Претходно како еден новитет, перформанс ќе изведе и матичното културно уметничко друштво при НУ Центар за култура „Григор Прличев“, рече Блажевски.
Наредните фестивалски денови се резервирани за целовечерните настапи на Неврокопскиот ансамбл за народни песни и танци „Гоце Делчев“ од Бугарија, Ансамбл за фолклор „Гоце Делчев” од Битола, Ансамблот „Бојмија” од Гевгелија, КУД „Светозар Марковиќ” од Нови Сад, КУД „Јахи Хасани” од Чегране, КУД „Таше Милошевски” од Ресен, како и Македонското КУД „Јане Сандански“ од Мелбурн, Австралија.
Како новитет во програмата на „Балканскиот фестивал“ на 7-ми јули ќе биде етно концертот „Македонски Рози“ на Митан и Андријана Јаневска со преработки на традиционални македонски народни песни. На завршната фестивалска вечер ќе и претходи и промоција на монографија и изложба и ревија на народни носии „Од Љубанишча до Дебор“ на етнокореологот Љупчо Милошевски.
Навистина со еден многу ограничен буџет пробавме да направиме една богата и разнолика програма. Се надевам дека за следната година нашиот проект ќе биде прифатен во целот од Министерството за култура и на сцената на „Долни Сарај“ ќе ги вратиме професионалните ансамбли, вистински ќе се повратиме на сјајот на „Балканскиот фестивал“. Секако аматерските ансамбли не би биле издвоени, додаде Блажевски.
Во рамки на програмата предивено е дефиле на 4,5 и 6-ти јули, со почеток во 19.00 часот пред НУЦК “Григор Прличев” -Охрид, додека програмата на Долни Сарај започнува во 20:30 часот, освен на 7 јули кога во 20 часот ќе биде поставена изложбата на Долни Сарај, а концертот ќе започне во 21 часот.
Манифестацијата „Балкански фестивал на народни песни и игри“ се одржува под покровителство на Претседателот на Собранието на РСМ. Организирањето на фестивалот е овозможено со материјална помош на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, Општина Охрид и пријателите на фестивалот.
Н.С.Ј.
фото/видео. А. Момироска