ГРК Охрид не успеа да ја круниса добрата игра со трофеј на стартот од новата сезона. „Гладијаторите“ вечерва во Гевгелија, во исклучително неизвесен натпревар, загубија од Вардар 1961 со 32:31 во Суперкупот на Македонија.

Дуелот на двете екипи кои неодамна се сретнаа и во финалето на меѓународниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид, овојпат му припадна на актуелниот македонски шампион.

Вардар имаше предност од 17:15 на полувремето, но Охрид во продолжението возврати и во еден период од натпреварот успеа да дојде и до два гола предност.

Следуваше нов пресврт, а драмата кулминираше во последната минута. Охрид на околу 40 секунди пред крајот израмни на 31:31, по што Вардар од седмерец повторно поведе. „Гладијаторите“ имаа последна можност да изборат пенали, но не ја реализираа и Вардар славеше со конечни 32:31.

По натпреварот, тренерот на ГРК Охрид Борис Ројевиќ даде изјава за Охридњуз, во која се осврна на драматичниот натпревар, играта на неговата екипа и пропуштената можност за освојување на трофејот.

За охридскиот состав нема многу време за одмор. По Суперкупот, вниманието се насочува кон почетокот на домашниот шампионат. Новата сезона за „гладијаторите“ започнува со голем предизвик – дерби со Еурофарм Пелистер во СЦ „Билјанини Извори“ во Охрид.

Г.М.

Фото I Видео: А. Момироска