Во мирна атмосфера, демократски и тековно се одвива гласањето за вториот круг претседателски и парламентарни избори во Охрид. Гласачките места се навремено отворени, а гласачите го остваруваат своето право на глас.

- Очекувам нешто подобро да биде. Сега многу работи ни ветија, што ќе биде, се надеваме за поубаво, за подобро да биде, ама…
- Очекувам да победи подобриот и да донесе подобри резултати за наредниот период.
- Од овие парламентарни избори не очекувам ништо ново, се по старо, тоа се е кажано од порано. Имаме задача да ги завршиме меѓународните права кои ни ги бараат за да може државата да оди напред. Ако не го правиме тоа што ни го бара меѓународната заедница, ова ќе биде кратка власт што може да доведе и до предвремени избори, доколку не ги почитуваме наредбите од меѓународната заедница. Успех нека има секој што ќе победи, но треба да внимаваат на граѓаните најмногу.
- Го остварив моето право, како и сите избори така и овие се убаво. Друго нема, кој има среќа, ксмет нека победи.
- Да завршат изборите нормално без проблемми, кој ќе биде победник нека биде.
- Моите очекувања се позитивни, да бидат добри избориве без проблем. Очекувам промени.
- Очекуваме подобар живот за сите, не поединечно. И младината да ни остане да не ни заминува во странство.

- Навреме беше отворено гласачкото место 1308. До 9 часот има 25 излезени гласачи и за едните и за другите избори или околу 5% од вкупно 540 запишани за претседателски и 543 за парламентарните избори. Во убав ред тече гласањето, нема проблеми, се е како што треба. Сега е малку поголема излезеноста отколку во првиот круг, вели Александар Алексоски, претседател на ИО во ИМ 1308.
- Гласачкото место беше отворено во 7 часот, излезеноста досега е 2,5% близу 3%. За разлика од минатиот пат имаме поголема излезеност. Претежно 80% гласаат и за парламентарните и претседателските избори. Се е во ред, нема никакви проблеми. Да се надеваме дека и до крајот на денот така ќе помине времето. За разлика од минатиот пат поголема е малку излезеноста и се надеваме дека концензусот ќе се исполни и народот и сите ќе сме задоволни. Битно да нема немири, што не би требло, мислам веќе и луѓево се попаметни од порано. 534 гласачи има на изборното место, минатиот пат излезеноста беше помалку од 40%. Да се надеваме дека овојпат излезеноста ќе биде поголема, вели Ѕвонко Целески од ИО во ИМ 1309.
- Навремено беше отворено гласачкото место 1267, гласањето тече нормално, немаме никакви проблеми досега. Се надеваме дека и понатаму ќе биде добро. Малку е поголема за неколку проценти излезеноста. Минатиот пат имавме 40% сега 50%, вели Танче Танески, заменик претседател на ИО во ИМ 1267.

Н.С.Ј.
видео/фото. Б. Стојаноски











