Некои натпревари носат победи. Некои трофеи носат слава. Но има и такви моменти што стануваат дел од колективната меморија на еден град.

Токму таква е приказната што охридската продукција Digital Box ја преточи во емотивно видео посветено на историскиот триумф на ГРК Охрид во ЕХФ Европскиот куп. Низ внимателно избрани кадри, силни емоции и автентична атмосфера, видеото ја доловува вечерта кога Охрид ја освои првата европска титула.

На теренот ракометарите на ГРК Охрид испишуваа историја со победата над МОЛ Татабања, но на трибините и низ улиците се случуваше уште една приказна во која градот дишеше како едно. Илјадници навивачи, предводени од „Рибари“, создадоа атмосфера која долго ќе се памети, додека секој гол, секоја одбрана и секој свиреж на судиите беа проследени со ерупција од емоции.

Видеото на Digital Box е сведоштво за љубовта кон клубот, за вербата која растеше од натпревар во натпревар и за моментот кога сонот на генерации охриѓани стана реалност. Во него има парче историја за ракометарите, за стручниот штаб, за навивачите, за симпатизерите и за секој што беше дел од оваа историска приказна.

Кога ќе се изгаснат рефлекторите, кога ќе поминат прославите и кога трофејот ќе го заземе своето место во клупските витрини, ќе останат спомените за една од најголемите спортски ноќи во историјата на Охрид.

Г.М.

Видео: Digital Box