Ретко, скоро никогаш не остануваше без одговор или пак без зборови на теренот, но овој пат Коби Брајант пушти и некоја солза при повлекувањето на неговите дресови 8 и 24 од Лос Анџелес Лејкерс во Стејплс центарот на полувремето од дуелот со Голден Стејт.

„Црната мамба“ како што го нарекуваа во НБА лигата стана првиот играч со два повлечени дресови, а вкупно 10-ти во историјата на „езерџиите“. Дресовите на Коби Брајант на врвот од салата во Стејплс центар друштво ќе му прават на Вилт Чемберлејн (13), Бејлор (22), Гудриќ (25), Меџик Џонсон (32), Карим Абдул Џабар (33), Шекил О`нил (34), Ворти (42), Џери Вест (44) и Вилкс (52).

– Ако треба да бирам не ми треба број на статуата. Поголем поклон ќе ми биде ако ми стават коса, бидејќи таа беше разликата помеѓу бројот 8 и 24. Иначе, тешко ми е да одберам кој број повеќе го сакам. Бројот 24 ми е поврзан со поголеми предизвици, додека 8-та ми беше ветар во грб во кариерата, затоа ако морам ќе ја одберам 24-ката. – изјави Коби Брајант.

Коби Брајант во двата дреса за Лејкерс играше точно 20 сезони. Со екипата освои пет титули во НБА лигата, а во две финилиња беше награден со МВП наградата. Учествуваше на 18-ет „All star“ собири и вкупно во кариерата постигна 33 643 поени.

OhridNews