По обилните врнежи од дожд во Општина Охрид евидентирани се поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации во градот, информираат од Центарот за управување со кризи.

Локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид се известени и постапуваат по пријавите. Реката Далјан е излеана од коритото на повеќе места, при што се поплавени голем број куќи, а службите за итно дејствување се организирани и се на терен, посочуваат од ЦУК.

Реагираат и жителите на Орман и Чекоштина дека е отежнато и движењето поради поплавените улици во овој дел.

Поплави по обилните врнежи изминатото деноноќие и во Горно Лакочереј каде се поплавени земјоделски површини, дворови, остави и друго.

Од Управата за хидрометеоролошки работи и денес со жолто ниво за предупредување од поплави во поголем дел од државата.

Посочуваат дека постои потенцијална опасност од локално излевање на реките и суводолиците.

Инаку, во изминатите 24 часа во Охрид наврнаа 52 литри дожд на м2.

Н.С.Ј.